Унгарија брза да најде решение да избегне енергетска криза со рестрикции на струја и недостиг на гориво откако Украина воведе делумна забрана за транзит на руска нафта преку нејзината територија. Киев минатиот месец воведе санкции и го блокираше транзитот на сирова нафта преку нафтовод за најголемата приватна руска нафтена компанија „Лукоил“ до Средна Европа. Целта на Киев е да ги намали приходите на Кремљ од продажба на нафта.
Но, ваквиот потег на Украина предизвика стравови во Унгарија, која што добива 70 отсто од нафтата од Русија, а половина од тоа е од „Лукоил“.
„Украинските мерки може да предизвикаат сериозна ситуација“, вели Илона Гизинска, унгарски експерт, додавајќи дека Унгарците може да се соочат со високи цени на енергенсите и прекини на електричното напојување за само неколку недели ако не се најде решение.
Според пресметките на Центарот за истражување на енергија и чист воздух, Унгарија потрошила речиси четвртина милијарда евра на руска сирова нафта и гас само во април годинава.
На средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров претходно неделава, шефот на унгарската дипломатија Питер Сијарто кажа дека Унгарија почнала да бара алтернативни начини да се снабди со руска нафта.
„Работиме на правно решение… бидејќи руската нафта е важна од перспектива на нашата енергетска безбедност“, кажа Сијарто.
Во петокот, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков ја обвини Украина дека направила „политичка одлука“ и тврди дека ситуацијата е „критична“ за оние кои се уште купуваат руска нафта.