ШКОЛО ВО БИТОЛА ДОБИ СОВРЕМЕНИ СПОРТСКИ ТЕРЕНИ НАПРАВЕНИ СО ОПШТИНСКИ ПАРИ, ПО ПРЕДЛОГ И ДОНАЦИЈА НА ПРОЕКТ ОД „ПОИНАКУ“

    ШКОЛО ВО БИТОЛА ДОБИ СОВРЕМЕНИ СПОРТСКИ ТЕРЕНИ НАПРАВЕНИ СО ОПШТИНСКИ ПАРИ, ПО ПРЕДЛОГ И ДОНАЦИЈА НА ПРОЕКТ ОД „ПОИНАКУ“Во ОУ „Елпида Караманди“ реконструирани се изгралиштето за фудбал на површина од 1.484 квадратни метри, за кошарка на 151 квадратни метри, одбојка на 262 квадратни метри, фитнес зона на 220 квадратни метри и патека за трчање на површина од 306 квадратни метри. (Фото: СДК.МК)

    Основното училиште „Елпида Караманди“ од Битола добива современи спортски терени. Реконструкцијата која е во завршна фаза чини 22,3 милиони денари, обезбедени од општинскиот буџет, но по предлог на независната советничка група „Поинаку“ која како донација обезбеди и проект за реконструкција.

    „Точно пред година и пол кога се креираше општинскиот буџет за 2023, лично јас побарав преку предлог-амандман да се одвојат средства за реконструкција. Сите оние кои учеле или живеат во околината знаат во каква очајна состојба беа игралиштата. После бројни притисоци врз мене и моите колеги од ‘Поинаку’, јавни препукувања на комисии и седници можам да кажам дека издржавме и денес имаме игралишта какви што заслужува едно училиште и битолчани. Преку лично залагање обезбедивме донација за комплетна проектна документација за реконструкција на игралиштата со што заштедивме трошоци од буџетот на Општина Битола. Откако беше прифатена донацијата побарав да се одвојат 29.3 милиони денари за реализирање на проектот“ рече Алмир Адемоски, советник од „Поинаку“, додавајќи дека со ребалансот за 2024 побарал реконструкција на игралиштата во ОУ „Климент Охридски“.

    Во ОУ „Елпида Караманди“ реконструирани се изгралиштето за фудбал на површина од 1.484 квадратни метри, за кошарка на 151 квадратни метри, одбојка на 262 квадратни метри, фитнес зона на 220 квадратни метри и патека за трчање на површина од 306 квадратни метри.

    Со соопштение до медиумите се огласи и градоначалникот Тони Коњановски во кое пишува дека со посветена работа на администрацијата и експедитивност на изведувачот, проектот влегува во финална фаза, притоа признавајќи дека се реализира на предлог на советниците од „Поинаку“.

    „Посебно ме радува, што овој проект за граѓаните на Битола, се реализираше на предлог на советничката група ‘Поинаку’, што уште еднаш ја покажува конструктивноста на локалната самоуправа и мојата подготвеност за соработка со сите советнички групи кога се во прашање проектите и интересите на граѓаните. Јавното признание за уште еден реализиран проект, кое доаѓа од претседателката на Советот, како еден од најголемите критичари на работата на Општина Битола, исто така е потврда на работата на Општината во интерес на битолчани“, вели Коњановски.

    Подолго време има несогласувања меѓу локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и независната советничка група „Поинаку“ околу активностите и визијата кои се потребни за развој на Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира