Основниот суд во Прилеп денеска ја донесе втората ослободителна пресуда за најистакнатиот активист од градот, Жарко Стеваноски, кој прилепската полиција го товареше за графитот „Че си лежите“. Против Стеваноски се поднесени вкупно 6 пријави за ист прекршок од член 191 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поточно затоа што овој графит за време на протестите го испишуваше на улицата пред општинската зграда во Прилеп.
Но, по сведочењата на вработени во прилепската полиција, како што вели Стеваноски, судот носи законита пресуда, зашто таков прекршок не е направен.
„Со фактот што улиците за време на протестите беа забранети за сообраќај, а тоа го знае и целата јавност, не само полицијата која што ги следеше протестите секојдневно, нема дилеми дека таков прекршок не сум можел да направам. Затоа и пресудата е ослободителна“, вели Стеваноски.
Тој смета дека оваа втора ослободителна пресуда е само потврда дека власта заминува во историјата.
„Повеќе од сигурно е дека системот се рестартира под притисокот на граѓанската свет и иницијатива за негово подобрување. А, власта како една од најозлогласените во практикување на моќта врз институциите за лични цели и пресметки со неистомисленици, полека ја губи моќта“, вели Стеваноски, кој е адвокат по професија.
Во прилепскиот суд против него во моментов се водат уште 4 судски постапки за истиот прекршок.