Изменети се процентите на балансерот, алатката за вработување според национална припадност во државните институции, соопшти министерот за јавна администрација Горан Минчев. Во август 2022 година, тогашниот министер Адмирим Алити направи нова пресметка, броејќи ја и дијаспората од пописот во 2021 година, и го зголеми процентот за вработување Албанци на 29,54%.
Како што кажа Минчев на прес-конференција денеска, досега Законот за вработените во јавниот сектор не бил почитуван, бидејќи во пресметките бил вклучен и бројот на нерезидентно население.
„Измената на процентите на балансер алатката исклучиво се направени согласно Законот за вработените во јавниот сектор, кој претходно не бил испочитуван. Тоа значи дека во пресметката на балансерот како дел од годишните планови за вработување во институциите во јавниот сектор ќе биде вклучен само бројот на резидентното население, а нерезидентното население е исклучено од пресметката на балансерот“, изјави Минчев.
Така, според новите пресметките во годишните планови за вработување во институциите од јавниот сектор се коригираат процентите: Македонци од 54,21% на 58,44%, Албанци од 29,52% на 24,30%, Турци од 3,98% на 3,86%, Роми од 2,34% на 2,53%, Срби од 1,18% на 1,30%, Бошњаци од 0,87% на 0,87% и Власи од 0,44% на 0,47%.
Минчев рече дека во неговото министерство се пристигнати околу 120 годишни планови за вработување во институциите од јавниот сектор и од нив само пет се со позитивно мислење, а останатите се вратени со забелешки по кои треба да постапат институциите и да ги усогласат со новите проценти.
Според последниот попис, одржан во септември 2021 година, на територијата на Македонија живеат 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци, 3,86 отсто Турци, 2,53 отсто Роми, 1,3 отсто Срби, 0,87 отсто Бошњаци и 0,47 отсто Власи. 7,2 отсто, или 132.260 граѓани, се попишани од административни извори и тие не влегуваат во процентите на националности. Според резултатите од самопопишувањето, во дијаспората се 66,36 отсто Албанци и 24,45 отсто Македонци.
Кога ќе се соберат бројките од резидентното население во Македонија и самопопишаните македонски државјани во странство, 54,21 отсто се Македонци, 29,52 отсто се Албанци, 3,98 отсто се Турци, 2,34 отсто се Роми, 1,18 отсто се Срби, 0,87 отсто се Бошњаци и 0,44 отсто се Власи.
Законот за вработените во јавниот сектор, кој започна со примена во 2015 година, предвидува механизам за распределба на новите вработувања со соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку Годишни планови за вработување.