Друштвото за грижа на бездомни кучиња „Ана агро“ од Ратае потпиша едногодишен договор со Општина Тетово за програма за спроведување и решавање на проблемот со бездомни животни врз основа на јавна набавка. Со ова, по подолг период, во Општина
Тетово повторно е отворен стационар во кој ќе се третираат кучињата скитници.
Според ветеринарот Ане Апостоловски, кој работи во стационарот, приоритет ќе биде да се заловат и третираат агресивните и болните кучиња, за кои се добиваат бројни пријави од граѓани.
„Кучињата кои ги третираме поминуваат тест за социјализација на двапати и доколку не го поминат, одат на евтаназија. Тоа се прави на третиот ден од заловувањето и по оперативен зафат. Исто така се вакцинираат, се чистат од паразити и им се става идентификациски микрочип. По третирањето на кучињата, ако никој не ги вдоми, треба да се вратат на локацијата каде што се заловени“, кажа Апостоловски.
Според овој договор, Општината ќе даде 2.542.372 денари без ДДВ за 12-месечното третирање на бездомните животни. Прифатилиштето има капацитет од 19 „боксови“ за кучиња.
„Кучињата ќе бидат подложени на максимален хуман третман, кој опфаќа заловување, транспорт до болница, прием и преглед од овластен ветеринар, тест за социјализација, лабораториски преглед за одредени болести, идентификација и чипирање, стерилизирање, кастрирање, сместување, постоперативна нега и соодветна вакцинација“, изјави градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, кој присуствуваше на отворањето на прифатилиштето за кучиња скитници.
З. АНДОНОВ