ПУКНАЛА БРАНАТА СО ТЕЧНО ЃУБРИВО НА БИОГАСНАТА ЦЕНТРАЛА КАЈ ГРАДСКО, ИСТЕКЛА ВО ВАРДАР И СЕ СЛУЧИЛ ГОЛЕМ ПОМОР НА РИБА

    ПУКНАЛА БРАНАТА СО ТЕЧНО ЃУБРИВО НА БИОГАСНАТА ЦЕНТРАЛА КАЈ ГРАДСКО, ИСТЕКЛА ВО ВАРДАР И СЕ СЛУЧИЛ ГОЛЕМ ПОМОР НА РИБАИскусните рибари од Градско зборуват за помор каков што досега не виделе во овој регион. (Фото: СДК.МК)

    Утрово е регистриран голем помор на риби во Вардар после населбата Градско. За ова реагирале од Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес.

    „Преку рибочуварската служба добивме информација за помор на риби во Вардар кај Градско. Нивниот увид покажал дека кога се излеало езерцето на биоелектраната, водата со фекалиите поминала под мостот на патот Велес-Градско и оттаму преку нива директно во Вардар, по што е предизвикан поморот“, кажа Даниел Наумоски од ЗСР „Бабуна“.

    Искусните рибари од Градско зборуваат за помор каков што досега не виделе во овој регион.

    „Не може да се каже колку риби угинале, но секако е големо количество. Скобал, утман, мрена, бојник, попадика и клен пливаат по површината на водата и тоа низводно од Градско неколку километри, додека сом и крап како потешки се угинати при дното и затоа ги нема на површината“, објаснуваат искусните риболовци од Велешко.

    По пријава за помор на риби во Вардар, двајца инспектори од Државниот инспекторат за животна средина од Велес и Кавадарци биле на самото место на увид.

    „При увидот утврдено е истекување на многу големи количини ферментирано течно ѓубриво кое се користи за наѓубрување на земјоделски површини, а е производ од завршената анаеробна ферментација во дигесторите за производство на биогас. Овој пост дигестат, кој е складиран во бетонски резервоар во кругот на биогасната централа во сопственост на ‘Вардар био процес‘, од приемна шахта преку цевковод се складира во земјена лагуна, која е изградена неодамна и е во непосредна близина на земјоделските површини кои се наѓубруваат. Последното полнење на лагуната завршило вчера околу 17 часот. Според присутните лица, денеска околу 5;20 часот поради обрушување на дел од насипот, големи количини пост дигестат завршиле во околните земјоделски површини, но голем дел е истечен и во Вардар“, соопштија од Државниот инспекторат за животна средина.

    Истата состојба била затекната и на самото место при вршење на надзорот. Дадена била усна наредба за итно ангажирање механизација и за преземање активности за санирање на насипот на лагуната, кое во попладневните часови веќе се реализира.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира