ЌЕ ПРАВИМЕ НОВИ ЗАКОНИ ЗА ДА ИМАМЕ ПРОФЕСИОНАЛНА, А НЕ ПАРТИСКА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ МИНЧЕВ

    ЌЕ ПРАВИМЕ НОВИ ЗАКОНИ ЗА ДА ИМАМЕ ПРОФЕСИОНАЛНА, А НЕ ПАРТИСКА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ МИНЧЕВШто ќе бидат измените ќе знаеме откако ќе ги слушнеме сите страни и ќе подготвиме закони кои нема да бидат како овие предложени со европско знаме, кои предвидуваа партизирана администрација“, рече Минчев. (Фото: К. Попов)

    Ќе се прават нови закони за јавната администрација. Министерот за јавна администрација Горан Минчев денес кажа дека трите законите од претходната влада се повлечени и сега ќе се прават нови. Основна цел е со законите да се добие професионална јавна администрација, а не партиска како што беше досега.

    „Повлечени се Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници. Од утре почнуваме со јавни дебати со сите засегнати страни со цел да донесеме квалитетни закони. Што ќе бидат измените ќе знаеме откако ќе ги слушнеме сите страни и ќе подготвиме закони кои нема да бидат како овие предложени со европско знаме, кои предвидуваа партизирана администрација“, рече Минчев.

    Целиот процес ќе се спроведува заедно со Центарот за управување со промени (ЦУП) и со поддршка од Британската амбасада.

    Минчев кажа дека ќе стартува и кампања под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”. Колку ќе чини кампањата не знаеше да каже бидејќи Министерството уште нема свој буџет, но тврди дека нема да биде скапа.

    Во организација на ЦУП, утре во Скопје ќе се одржи панел дискусија за клучните предизвици со кои се соочуваат институциите од јавниот сектор во земјава, на која е најавено учеството на министрите Минчев и  Стефан Андоновски, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, замениците-министри за финансии Николче Јанкуловски и за економија Марјан Ристески.

    „Целта на дискусијата е да се престават визија и идните заложби на Владата во областа на доброто управување и реформите во јавната администрација, но и да се отвори широка дебата со стручната јавност, претставниците од институциите и останатите засегнати страни за подобрување на регулативата во областа на управувањето со човечки ресурси во институциите од јавниот сектор, велат од ЦУП.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира