Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер му кажала на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дека Берлин е изненаден зошто се бараат нови избори во Македонија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ по денешната средба на Груевски со Алтхаузер. Амбасадорката, исто така, сугерирала дека е потребно мандатот да се даде на втората по големина партија во Македонија.
„Германската амбасадорка Алтхаузер изрази изненадување зошто се бараат брзи избори. Она што е потребно е да се даде мандатот на втората по големина партија во Македонија, на што Груевски запраша дали тоа е нејзина сугестија, по што германската амбасадорка се изјасни дека тоа е онака како што во моментот се гледа во Берлин“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Германската амбасадорка Алтхаузер го прашала Груевски зошто да нема втор обид за составување влада, откако таа, како што е пренесено во соопштениeто, посочила дека се чини на изборите имало двајца победници и двете страни славеа.