Поетесата и академик Катица Ќулавкова е добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“, што се доделува од Струшките вечери на поезијата (СВП) за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија, соопшти денес Фесивалот.
Ќулавкова е наградена за нејзината поетска збирка „Небото ми е дома“ (Духовна поезија) во издание на Струмичка православна епархија. Таа по вторпат е добитничка на ова највисоко признание, откако во 1989 ја доби „Браќа Миладиновци“ за стихозбирката „Жедби“.
Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав: Ефтим Клетников (претседател), Весна Ацевска, Глигор Стојковски, Александра Јуруковска и Дарин Ангеловски (членови). На конкурсот пристигнале 53 книги и во потесен круг од пет книги влегоа и збирките: „Грозје од кукавица“ од Славе Ѓорго Димоски (издание на ПНВ публикации), „Килибар и младост“ од Гордана Михаилова-Бошнакоска (издание на Макавеј), „Додека спиеш“ од Биљана Стојановска (издание на „Чудна Шума“) и „50 испеани приказни“ од Александар Русјаков (издание на „Три“).
„Најновата стихозбирка на Катица Ќулавкова ‘Небото ми е дома’ се протега во еден специфичен поетски ареал, од авторката определен како простор на духовна поезија, која е заснована на експресивна трансмисија на набожни чувства и мисли во стихови, користејќи притоа низа поетски средства како што се митските слики, симболите, реминисценциите, алегориите, метафорите и метонимиите, па и користење на одломки од најзначајни сакрални интертекстови, поезија која воедно се потпира и на ритамот, алитерации и асонанции и на други јазични игри и фигури кои го зајакнуваат нејзиниот севкупен естетски интензитет“, стои во одлуката.
Ќулавкова, поетеса, есеистка, теоретичарка на книжевноста, од 2003 е редовна членка на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), членка на Европската академија на науките и уметностите (Салцбург) и потпретседателка на Меѓународниот ПЕН. Била универзитетска професорка по теорија на книжевноста на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 16 книги поезија на македонски, 18 преводи на нејзината поезија (англиски, француски, турски, италијански, хрватски, романски, португалски, руски, словенечки, бугарски, српски и други), две збирки куса фикција и една поетска драма, како и над триесет хрестоматии, антологии, критички изданија и друго. Има преведено есеи, поезија и книги од француски на македонски јазик .
Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 22 до 26 август.
Б. НЕСТОРОСКА