Земјоделецот Горги Каракашев од радовишкото село Ораовица е првиот претседател на новоформираната Национална земјоделска мрежа на Македонија (НЗММ). Тој, иако секој петок е на штипскиот пазар каде со сопругата продаваат своето производство, домати, пипер, краставици, овошје и друго спрема сезоната, сепак секојдневно е со проблемите на заемјоделците.
Каракашев вели дека земјоделците се соочуваат со проблеми при нивната финална работа, пласманот на земјоделските производи и откупните цени што ги нудат откупувачите, за кои смета дека се погубни за сите земјоделци. За основниот земјоделец ситуацијата е уште полоша ако се земе предвид фактот што жешкото време го уништува родот уште на нивите.
„Откупувачите на големо диктираат цени кои се крајно неповолни за нас земјоделците.Тие ја собираат маржата и целиот профит е за нив, а земјоделците се во загуба. Овде на пазарот барем продаваме по нешто повисоки цени, но и тие се балансирани од наша страна затоа што ја знаеме куповната моќ на граѓаните. На пример, цената на доматите од 40 или 50 денари иако е повисока од откупната на големо, сепак и за нас е ниска и овде на пазар, но е врз основа на побарувачката и стандрадот на купувачите“, вели Каракашев и додава:
„Од една страна, државата во текот на оваа година досега веќе потрошила 800-900 милиони евра за храна од увоз, а до крајот на годината бројката ќе надмине над една милијарда. Од друга страна, нема никакви мерки за развој на домашното производство на храна што значи дека се повеќе и повеќе излегува во пресрет на трговците, увозниците и го штити нинниот профит“, вели Каракашев.
Како последен пример го наведува односот на државата кон бизнисот во сферата на производство на вино, па најновата најава на водечките винарии во земјата во врска со откупо на грозјето ја окарактезизира како крајно неповолна за лозарите.
„Лозарите никој не ги прашува, никој со нас не се договара како да соработуваме и по која цена рентабилно би било да се откупува грозјето која ќе одговора и на основните производители и на откупувачите и преработувачите кои, за жал, помогнати од државата го собираат крајниот кајмак. Тие, како неприкосновени, едноставно си диктираат свои услови. Цените што ги најавија своеволно главните откупувачи, говорат дека производителите на грозје во старт се во загуба“, вели Каракашев.
Националната земјоделска мрежа во Македонија се јавува како нова асоцијација во борба за правата на земјоделските производители. Каракашев вели дека во случајот со откупувачите на грозје кои веќе понудија цени од 16 до 19 денари за најзастапените сорти, кои и најмногу се откупуваат, воопшто не одговараат на земјоделците кои сметаат дека за нив ниска цена за смедеревката и вранцеот ќе биде и 25 до 30 денари за килограм.
„Не само што откупувачите си диктираат цени на винското грозје, државата дури и излезе во пресрет па според донесените правилници и закони за винарија, им дозволуваат тие откупеното грозје да го исплатуваат на лозарите на три рати, првата при откупот од 20 насто, втората рата од 40 насто во февруари наредната година, а третата рата од 40 проценти дури понаредната година“, вели Каракашев.
Тој вели дека новата Влада треба под итно да ги преиспита сите откупни цени, да направи ревизија и на поволностите што ги добиваат откупувачите кои истовремено се и производители, а што добиваат земјоделците од чие производство зависат и последните во целиот овој агроиндустриски бизнис.
Т. ЈОВАНОВСКИ