АКУМУЛАЦИЈАТА КАЛИМАНЦИ ИМА ДОВОЛНО ВОДА ЗА ДА ЈА ИЗДРЖИ СЕЗОНАТА, НО ВРАБОТЕНИТЕ ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ СЕ БЕЗ ПЛАТА, ВЕЛАТ ОД ВОДОСТОПАНСКИТЕ ПОДРУЖНИЦИ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА.

    АКУМУЛАЦИЈАТА КАЛИМАНЦИ ИМА ДОВОЛНО ВОДА ЗА ДА ЈА ИЗДРЖИ СЕЗОНАТА, НО ВРАБОТЕНИТЕ ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ СЕ БЕЗ ПЛАТА, ВЕЛАТ ОД ВОДОСТОПАНСКИТЕ ПОДРУЖНИЦИ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА.Со секојдневната потрошувачка, испустот на вода од Калимаци на дневно ниво е од милион кубни метри (Фото: СДК.МК)

    Стотина вработени во двете водостопански подружници во Источна Македонија, „Брегалница“ од Кочани  и „Овче Поле“ од Свети Николе“, веќе четири месеци се без плата и се на работ на егзистенција. Во вакви услови, во прашање доаѓа редовната дејност на двете подружници, а со тоа и натамошниот тек на наводнувањето на повеќе од 10.000 хектари со житни култури, пченица, пченка, јачмен и најмногу со ориз.

    „Имаме одлив на кадар кој си заминува или поради пензионирање или поради немање плата. Во едни такви услови кога не може да се вработат нови лица во прашање доаѓа и редовнатга  работа со водоснабдувањето. Во кочанската подружница имаме 40 вработени, а толку некаде има и во светиниколската подружница. И двете подружници се соочуваат со истите проблеми, немање доволно вода и застарена каналска мрежа, а еве сега со август влегуваме и во петтиот месец без плата“, вели директорот на подружницата „Брегалница“ од Кочани, Благој Богатинов.

    Тој и останатите вработени во двете подружници се надеваат дека брзо ќе биде донесен ребалансот на буџетот, во кој ќе бидат пресметани и нивните заостанати и идни плати.

    Што се однесува за водоснабдувањето на земјоделските површини, Богатинов смета дека главната и најголема акумулација, браната Калиманци, ќе ја издржи сезоната и покрај големата суша и крајно неповолната хидролошка состојба.

    „Сезоната започна со капацитет од над 100 милиони кубни метри вода, но со секојдневната потрошувачка, испустот на дневно ниво е од еден милион кубни метри. Сега, нивото на браната е преполовено и овие денови падна под 50 милиони кубни метри. Половина од овие количества одат за наводнување на Кочанското и Виничкото Поле, а речиси толку кубни метри вода се дистрибуираат за подружницата од Свети Николе, која ги покрива земјоделските површини од Крупиште и Жиганци до овчеполскиот дел до атарот на Каратманово кон Велес“, вели Богатинов.

    За првиот човек на кочанската подружница, еден од поголемите проблеми е застарената каналска мрежа која наводнува околу 4.000 хектари во Кочанско, главно со оризовата култура и речиси исто толку хектари во Овчеполието, претежно со пченица, јачмен и пченка. И двете подружници сметаат дека поради застарената каналска мрежа, која е оштетена со голем број пукнатини, во просек загубата на вода изнесува 20-35 проценти.

    Водарите од двете подружници со кои разговаравме рекоа дека направиле големи напори пред сезоната каналската мрежа да се исчисти, но подружниците немале доволно средства за комплетно санирање на оштетените канали, како и средства за резервни делови.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира