НИ ПО 23 ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА КАЈ КАРПАЛАК СÈ УШТЕ НЕМА ДОСТОЈНО СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ДЕСЕТТЕМИНА ЗАГИНАТИ БРАНИТЕЛИ

    НИ ПО 23 ГОДИНИ ОД ТРАГЕДИЈАТА КАЈ КАРПАЛАК СÈ УШТЕ НЕМА ДОСТОЈНО СПОМЕН-ОБЕЛЕЖЈЕ ЗА ДЕСЕТТЕМИНА ЗАГИНАТИ БРАНИТЕЛИЧленовите на семејствата на загинатите и преживеани бранители од Прилеп и годинава зборуваа за своите маки и за негрижата на државата кон нив, како и за недостоинствениот начин на одбележување на оваа трагедија. (Фото: СДК.МК)

    На месноста Карпалак на патот Скопје-Тетово, беше одбележан 23-годишнината од загинувањето на десеттемина бранители за време на конфликтот од 2001, кога конвој од бранителите беше нападнат од терористите од т. н. ОНА. Во нападот во кој биле користени ракетни фрлачи и тешки митралези, загинаа 10 бранители, сите од Прилеп, кои со камиони биле упатени кон касарната во Тетово.

    По тој повод, делегација од Владата предводена од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, делегации од претседателката на државата, АРМ, политички партии и здруженија положија венци и цвеќе, а свештеници од МПЦ одржаа панихида. И овојпат, како и во изминативе години, присуствуваа и членови на семејствата на загинатите и преживеани бранители од Прилеп кои, по кој знае кој пат, зборуваа за своите маки и за негрижата на државата кон нив, како и за недостоинствениот начин на одбележување на оваа трагедија.

    „Да ѝ се ‘заблагодарам’ на Владата што ‘води преголема грижа’ за нас и за загинатите. За загинатите се гледа како се грижат, а за нас живите – уште повеќе. Само недостасува нас да нè прогласат за терористи, да нè осудат затвор и да се ратисаат од нас. Дали личи да се полага цвеќе на загинати на вакво место? Овде треба да присуствува Врховниот командант, ние сме армија, а тие дошле со заменици. Централната прослава треба од Прилеп овде да се премести. Овде е местото каде треба да чествуваме, а не во Прилеп“, вели Јордан Трајковски, од Прилеп.

    Секоја година на одбележувањето, преживеаните бранители и нивните семејства постојано укажуваат на тешката состојба во која се наоѓаат и за големата негрижа која ја покажува државата кон нив.

    „Немаме никакви права, не можеме да извадиме еден документ дека сме учесници во одбраната на државата во 2001 година. Ние, а и децата на бранителите кои сега веќе се возрасни луѓе, немаат обезбедено школување, здравствени услуги, а камоли стан. Ова е срамота. Јас немам ништо против Албанците, секоја чест, ама тие кои ја нападнаа Македонија ги имаат сите бенефиции. Ова истото го зборуваме 23 години, но никој не нè слуша, ниту да нè праша како живееме, имаме ли семејства, деца, ви треба ли нешто? 23 години се бориме за еден споменик и ништо од ова, разочарувањето е огромно“, вели Трајковски.

    Местото на погибијата е обележано со една плоча на која се испишани имињата на загинатите бранители и таа е поставена на банкината од автопатот. Сите досегашни Влади ветуваа дека на ова место ќе се подигне достоинствен споменик, но досега ништо не е направено од ова.

    „Би упатил апел и како дел од Владата, а и јас ќе настојувам тука да има едно достојно спомен-обележје во чест на овие 10 загинати прилепски бранители“, изјави Марјан Ристески, заменик-министер за економија кој како претставник од Владата присуствуваше на настанот.

    На 8-ми август 2001 на ова место загинаа бранителите: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ергоган Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитовски, Горан Миноски и Пеце Секуловски.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира