ПОЧИНА МАЖ ОТКАКО ГО КАСНАЛ ИНСЕКТ НА ПЕЛОПОНЕЗ, ВО ГРЦИЈА РАСТЕ БРОЈОТ НА СЛУЧАИ НА ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА

    ПОЧИНА МАЖ ОТКАКО ГО КАСНАЛ ИНСЕКТ НА ПЕЛОПОНЕЗ, ВО ГРЦИЈА РАСТЕ БРОЈОТ НА СЛУЧАИ НА ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКАЗголемениот број случаи оваа година се должи на благата зима и засилената активност на комарците

    Четириесет и осумгодишен грчки турист кој бил на одмор на Пелопонез починал во болницата во Пиргос откако бил каснат од инсект, објави државната телевизија ЕРТ. Лекарите сметаат дека мажот, кој се жалел на болка во нога, можеби бил каснат од пајак.

    Иако во почетокот бил стабилно, неговата состојба нагло се влошила, по што починал, објавија локалните медиуми.

    Во исто време, медиумите пишуваат дека низ земјата продолжува да се шири западнонилската треска, при што бројот на регистрирани случаи во 2024 е поголем во споредба со истиот период во претходните пет години. Оваа година имало 55 заразени, од кои 33 во јули и уште 22 во првите денови на август. Првиот случај бил пријавен во почетокот на јули, при што пациентот развил благи симптоми на енцефалитис.

    Во 2024 од овој вирус починале осум лица на возраст од 68 до 92 години, а 42-ца пациенти биле критично болни со симптоми кои го погодуваат централниот нервен систем. Вкупно 49 заразени завршиле во болница, а петмина и натаму се на интензивна нега.

    Националната организација за јавно здравје предупреди дека бројот на случаи би можел да расте во следните недели. Најмногу случаи имало во Централна Македонија, а меѓу погодените региони се и Тесалија, Западна Грција, Епир и јонските острови.

    „Зголемениот број случаи оваа година се должи на благата зима и засилената активност на комарците“, изјави епидемиологот Димитриос Параскевис.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира