Русија нареди евакуации и во пограничниот регион Белгород, додека Украина ја продолжува својата изненадувачка офанзива на руската територија. Околу 11.000 луѓе се преселени во Белгород поради „непријателските акции близу границата“, објавија руските медиуми.
Белгород граничи со Курск, каде што илјадници украински војници упаднаа пред седум дена и во меѓувреме напредуваа 30-ина километри. Утрово, на жителите во делови на Белгород им било кажано да не паничат, но ќе мора да се евакуираат.
„Во целиот регион е прогласена тревога за опасност од бомбардирање. Сигурен сум дека нашите војници ќе успеат да се справат со растечката закана“, изјави гувернерот Вјачеслав Гладков.
И во Курск денеска продолжиле евакуациите, при што илјадници луѓе ги напуштиле домовите во еден округ. Русија досега не успеваше да го запре украинското напредување, кое доведе до евакуација на повеќе од 76.000 луѓе во Курск.
Володимир Зеленски вчера за првпат призна дека украинската војска спроведува офанзива во Курск, велејќи дека војната се префрла во Русија. Тој кажа дека Русија оваа лето извела 2.000 напади од Курск и затоа заслужува одговор.
Еден украински функционер изјави за агенцијата „Франс прес“ дека целта на упадот е да се дестабилизира Русија и да им се нанесат големи загуби на руските сили со лесни, брзи напади. Останува нејасно колку операцијата ќе биде одржлива на среден рок бидејќи Москва испраќа резерви во регионот.