Маж на возраст над 60 години вчера паднал во бунар со вода во кумановската населба Карпош. Несреќата се случила околу 13 часот, по што интервенирала Територијалната противпожарна едница (ТППЕ) од Куманово.
„Се работи за бунар со длабочина од 15 метри, а водата има околу 5 метри. Со морнарски скали, јажиња, спасувачки појаси и друга опрема успеавме да го извлечеме човекот. Станува збор за повозрасно машко лице, на 60 до 70 годишна возраст, извлечен е во добра здравствена состојба и предаден на службата на Итна медицинска помош“, рече Сашо Илиевски, командир на смена на ТППЕ Куманово.
Човекот бил истоштен, промрзнат од студената вода, видно вонемирен, но без посериозни повреди. Пожарникарите не знаат како паднал во бунарот.
Акцијата за спасување траела 50-тина минути, а учествувале четворица пожарникари со едно возило.
С. НИКОЛИЌ