ВО ДЛАБОЧИНИТЕ НА МАРС ПРВПАТ ОТКРИЕНА ТЕЧНА ВОДА

    ВО ДЛАБОЧИНИТЕ НА МАРС ПРВПАТ ОТКРИЕНА ТЕЧНА ВОДАСондата „Инсајт“ имаше сеизмометар кој четири години регистрирал вибрации во длабочините на Марс (Фото: НАСА)

    Научниците открија резервоар со течна вода на Марс, длабоко во карпестата надворешна кора на планетата. Ова откритие доаѓа од нова анализа на податоците од сондата „Инсајт“, која слета на планетата во 2018.

    Сондата имаше сеизмометар кој четири години регистрирал вибрации во длабочините на Марс. При анализирањето на овие марсотреси и како планетата се движи биле откриени сеизмички сигнали на течна вода.

    Иако е познато дека има замрзната вода на половите на Марс и докази за пареа во неговата атмосфера, ова е првпат да биде пронајдена вода во течна состојба.

    Научната мисија на „Инсајт“ заврши во декември 2022 откако сондата четири години мирно го слушала пулсот на Марс. Во тој период, регистрирала најмалку 1.319 тресења. Мерејќи колку брзо патуваат сеизмичките бранови, научниците се обидувале да откријат низ каков материјал најверојатно се движат.

    „Тоа се истите техники што ги користиме да пронајдеме вода, нафта и гас на Земјата“, изјави Мајкл Манга од Универзитетот Калифорнија, кој бил вклучен во истражувањето.

    Анализите покажале дека има резервоари со вода на длабочина од шест до 12 километри во кората на Марс.

    Досегашните истражувања заклучија дека во далечното минато имало реки и езера на Марс, но во последните три милијарди години тој бил пустина. Научниците веруваат дека вакви резервоари со вода има низ целата планета.

    „Локацијата на подземната вода не е добра вест за милијардерите кои планираат да го колонизираат Марс. Копање дупка длабока десет километри на Марс би било тешко дури и за Илон Маск“, додаде Манга.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира