Рачна чанта направена од алигаторска кожа и ситни ампули со парфем кои сè уште испуштаат силен мирис се само дел од скапоцените артефакти извлечени од најпознатиот бродолом во светот, „Титаник“. Точната локација на складиштето каде што се чуваат е строго чувана тајна поради вредноста на неговата содржина. Се знае дека е во Атланта, САД.
Внатре, полиците се преполни со илјадници предмети: од превртена када до сложено гравирани стаклени садови и мали копчиња. Би-Би-Си доби ретка можност да го разгледа складиштето и да открие приказни кои стојат зад некои предмети.
„Тоа е навистина убава, модерна мала чанта“, вели Томасина Реј, директорка во „РМС Титаник“, компанија која низ годините извадила 5.500 предмети од местото на потонатиот брод, кои се изложени ширум светот.
Чантата направена од кожа на алигатор преживеала со децении во длабочините на Северниот Атлантик. Деликатните предмети внатре се исто така зачувани, откривајќи детали од животот на нивната сопственичка – патничка од трета класа наречена Маријан Минвел.
„Таа била 63-годишна милионерка и патувала во САД за да биде со нејзината ќерка која неодамна останала вдовица“, кажа Реј.
Меѓу предметите внатре се избледена фотографија, за која се мисли дека е мајката на Маријан и документи за нејзиниот нов живот во Америка. Внатре е и нејзината медицинска карта, бидејќи сите патници од трета класа требало да докажат дека не носат болести во САД.
Од длабочините се вратени и предмети кои им припаѓале на преживеаните. Реј отвори пластичен сад со мали ампули со парфем. Тие се запечатени, но силна арома излегува од нив дури и по децении поминати на морското дно.
„Имало продавач на парфеми на бродот и тој имал преку 90 вакви мали ампули“, објаснува Реј.
Неговото име било Адолф Залфелд и патувал како патник од втора класа. Бил еден од 700 луѓе кои преживеале.
Кога „Титаник“ потонал во 1912 откако удрил во санта мраз, бродот се распаднал и неговата содржина се излеала, создавајќи огромно поле со отпад.
Во колекцијата има и полно шише шампањ. На бродот имало илјадници шишиња шампањ. Сопственикот на бродот сакал патниците од прва класа да го искусат врвниот раскош, со најдобри храна и пијалак.
„Титаник“ бил на своето прво патување кога потонал. Имал напредни безбедносни карактеристики за тоа време и се зборело дека не може да потоне.
„Кога ‘Титаник‘ потонал, постоела теорија дека се користеле супстандардни материјали. Можеби затоа потонал побрзо“, објаснува Реј, додавајќи дека има уште многу за учење како се случило тоа.
„РМС Титаник“ е единствената компанија на која ѝ е законски дозволено да собира предмети од местото на бродоломот и тие треба да бидат соодветно конзервирани. Досега сите артефакти биле собрани од полето со отпад. Неодамна компанијата поттикна контроверзии откако кажа дека сака да извлече предмет од самиот брод – радиоопремата „Маркони“ која ги испратила повиците за помош од „Титаник“.