Македонската пливачка легенда Томи Стефановски денеска ја преплива патеката од хотел „Десарет“ во Пештани до врквата „Свети Јован Канео“ и назад до Охридското пристаниште во должина од 15 километри, во рамките на хуманитарниот настан „Пливање за инклузија“, а по повод 15-годишнината од неговото препливување на каналот Ла Манш. Стефановски ги повикa сите хумани луѓе да донираат за подигнување на свеста и за креирање подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.
„Заедно со вас и вашата поддршка на многу деца и лица ќе им дадеме можност да ги достигнат личните потенцијали, да уживаат во благодетите од спортот, да имаат поисполнет живот и најважно од сè, да се чувствуваат прифатени и сакани“, вели Стефановски.
Мартин Мојсовски од невладината ИТК Македонија-Скопје некаде на половина од трасата на овој хуманитарен потфат, кажа дека Стефановски се увствува одлично.
„Нашата легенда Томи плива 15 километри, има добар ритам, се чувствува одлично и одиме заедно да го завршиме овој поход“, рече Мојсовски.
На 14 август 2009, Стефановски го преплива каналот Ла Манш по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од Македонецот Нико Нестор (1958) и 40-годишнината од препливување на првата Македонка, Атина Бојаџи (1969). Потфатот на Стефановски тогаш траеше цели 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13 на вечната листа во 149-годишната историја на препливување на каналот.
Денешниот хуманитарен настан Стефановски го организира заедно со невладината организација ИТК Македонија – Скопје и Охридскиот пливачки маратон.
С. ВРЕНЦОВСКА