ПЛАНИНАРСКАТА СПАСИТЕЛНА СЛУЖБА ОСТАНА НА ТЕРЕН ДА ГО ГАСИ ПОЖАРОТ НА ГАЛИЧИЦА, ПОМОГНАТА СО ВОДА И ХРАНА ОД СВОЈОТ СКРОМЕН БУЏЕТ И НЕКОЛКУ ДОНАТОРИ

    ПЛАНИНАРСКАТА СПАСИТЕЛНА СЛУЖБА ОСТАНА НА ТЕРЕН ДА ГО ГАСИ ПОЖАРОТ НА ГАЛИЧИЦА, ПОМОГНАТА СО ВОДА И ХРАНА ОД СВОЈОТ СКРОМЕН БУЏЕТ И НЕКОЛКУ ДОНАТОРИПристапот до терените што горат е возможен само со најмалку два часа пешачење, а лицата вклучени во гаснењето во неколку наврати беа транспортирани со хеликоптерот на МВР. (Фото: ЦУК)

    Тешко пристапниот терен на надморска височина над 2000 метри, неповолните временски услови и големиот број детонации од неексплодирани гранати не дозволија, во изминатите денови колку што е активен, пожарот на Галичица да се стави под контрола, соопштија до Центарот за управување со кризи (ЦУК).

    „Иако веќе исцрпени, волонтерите на Планинската спасителска служба при Црвениот крст во Охрид, со целокупниот материјално-технички капацитет на службата, со три теренски возила и едно специјално, како и обезбедување логистика со храна и вода за сите учесници во гаснењето на пожарот, обезбедена од сопствениот скромен буџет и неколку компании донатори, остануваат на терен до конечно гаснење на пoжарот“, соопштија до ЦУК.

    Ангажирани се волонтери од Планинарската спасителна служба при Црвениот крст во Охрид, Алпинистичкиот клуб „Патагонија“, од Охрид, ренџерската служба на Националниот парк Галичица, повремено поткрепени со тимови од противпожарните единици на Охрид и Ресен, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и доброволци од локалното население. Пристапот до терените што горат е возможен само со најмалку два часа пешачење, а лицата вклучени во гаснењето во неколку наврати беа транспортирани со хеликоптерот на МВР.

    „Пожарот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север, а последните три дена, волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на огнот со цел подготвување на подобар план за дејствување следниот ден“, соопштија од ЦУК.

    Во моментот, се делува со рачно обезбедување на заштитни појаси во шумските предели со цел да се заштити шумскиот фонд за што дополнително вклучени се поголем број доброволци планинари и ловци од Охрид и Ресен. Вчера дејствуваа и два воздухоплови кои им помогнаа на тимовите во вистински тешката битка.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира