ПРЕДЛОГ-ЗАКОНИТЕ ЗА ОХРИДСКО ЕЗЕРО И СТУДЕНЧИШКО БЛАТО ГО КРШАТ МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО И ЌЕ ОВОЗМОЖАТ НИВНА НАТАМОШНА ДЕГРАДАЦИЈА, ВЕЛИ ЗДРУЖЕНИЕТО ФРОНТ 21/42

    ПРЕДЛОГ-ЗАКОНИТЕ ЗА ОХРИДСКО ЕЗЕРО И СТУДЕНЧИШКО БЛАТО ГО КРШАТ МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО И ЌЕ ОВОЗМОЖАТ НИВНА НАТАМОШНА ДЕГРАДАЦИЈА, ВЕЛИ ЗДРУЖЕНИЕТО ФРОНТ 21/42Фронт 21/42 вели дека во јули годинава детектирале 82 конструкции од различен вид во самото езеро (Фото: СДК.МК)

    Здружението Фронт 21/42 бара од пратениците да не ги усвојуваат предложените закони за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата и Студенчишко Блато за парк на природата, а од Министерството за животна средина да ги повлече од собраниската процедура и доследно да ги спроведат препораките на Бернската конвенција и да постапат во согласност со Уставот на Република Северна Македонија.

    Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека Предлог-законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, предлог-законот за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата и предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата се во редовна постапка на усвојување и досега се поминати во Комисијата за транспорт, дигатална трансформација, животна средина и просторно планирање и во Законодавно-правната комисија на Собранието, кои констатираа дека предлозите се прифатливи. Предлозите го поминаа и првото читање на пленарна седница на Собранието и се во понатамошна постапка во матичните работни тела на Собранието.

    „Со целосно и свесно игнорирање на меѓународното право и спротивно на Уставот, во Собранието продолжи процесот на усвојување на Законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата и Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата. Првото читање помина без никаква забелешка, при што Законодавно-правната комисија констатираше дека тие се усогласени со Уставот и прифатливи за натамошните процедури“, велат од Фронт21/42.

    Тие појаснуваат зошто законите претставуваат кршење на меѓународното право.

    „Во декември 2021, Бернската конвенција отвори случај за заканите кон Охридското Езеро и Националниот парк Галичица, а по посетата на терен во декември 2023 ја усвои Препораката 221, во која се бара суштински да се изменат мерките за заштита пред да се усвојат законите за Охридско Езеро и за Студенчишко Блато. Конкретно, се бара ревизија на зонирањето и на дозволените активности, обезбедување врска меѓу Езерото и Блатото и формирање заштитна зона за Студенчишко Блато, која ќе ја покрива областа на Горица Север, каде што не би биле дозволени никакви градежни и земјоделски активности. И Рамсарската конвенција изрази загриженост поради непостоењето на заштитна зона околу Блатото. Во април годинава, Бирото на Бернската конвенција со писмо ја опомена државата дека има меѓународни обврски кон конвенцијата. Неспроведување на Бернската конвенција значи неспроведување на член 118 од Уставот, кој кажува дека меѓународното право е над националното законодавство“, велат од Фронт 21/42.

    Оттаму предупредуваат дека овие закони не само што не обезбедуваат ефикасна заштита на Охридското Езеро и на Студенчишко Блато, туку ќе овозможат нивна понатамошна деградација.

    „Законот за Охридско Езеро практично ја остава заштитата на брегот на предвидениот Урбанистички план од државно значење за крајбрежјето, не овозможува врска меѓу езерото и блатото, дозволува пловни објекти на 88,1% од територијата на езерото и за управувачко тело го назначува ЈП ‘Колекторски системи, кое нема капацитет за тоа. Законот за Студенчишко Блато, меѓу другото, овозможува да се реализира предвидената урбанизација во неговата непосредна и поширока околина и за управувачко тело ја поставува Општина Охрид“.

    Фронт 21/42 вели дека во јули годинава детектирале 82 конструкции од различен вид во самото езеро.

    „Доколку помине законот нема да има никакви законски пречки за ваков тип интервенции. Пловните објекти се дефинирани како висока закана за Охридското Езеро, но законот ги дозволува на 88,1% од територијата на Езерото. Во јули 2024 забележавме видливо поголем број пловила од минатите години“, кажаа од здружението.

    Во услови кога Студенчишко Блато нема заштитна зона, новиот закон ќе овозможи да се спроведе предвидената урбанизација во Горица Север.

    „Бернската конвенција бара целосна забрана на градби во Блатото. Во јули 2024 имаше шест дивоградби во самото Студенчишко Блато, додека е под привремена заштита од градби. За две од нив поднесовме иницијатива за инспекција уште во април 2023, која потврди дека се бесправно изградени и постави рок за рушење. Една година подоцна, исходот од инспекцијата е шест дивоградби и основи за уште две“, кажаа од Фронт 21/42.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира