На листата на позитивни лекови се додадени 9 нови генерици, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Лековите што се најдоа на позитивната листа се со генеричко име Prasugrel и Ticagrelor (за крвни болести и против згрутчување на крвта), Nebivolol, Perindopril, Valsartan и Fenofibrate за висок крвен притисок и Escitalopram, Mementine и Duloxetine за третман на депресија и деменција. Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство.
„Се работи за 87 лекови во различни форми, јачини и пакувања што имаат активна регистрација во нашата држава, девет генерици претставени преку 87 лекови. Помеѓу нив, опфатени се лекови за висок притисок, срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија, како и за деменција“, рече министерот на прес-конференција со дел од членовите на Комисијата за ажурирање на лекови, која беше формирана лани после 13 години.
Комисијата е составена од претставници од Министерството за здравство, Фондот, Агенцијата за лекови и медицински средства-МАЛМЕД, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од универзитетските клиники, кои се доктори-специјалисти од различни области на медицината и фармацијата.
Д-р Мерием Хаџи Хамза, советничка за фармацевтска политика во Агенцијата за лекови и медицински средства, кажа дека критериумите според кои се избрани лековите се според пракси кои се применуваат и на регионално, европско и на глобално ниво. Тоа се критериуми кои ги опфаќаат сите аспекти од употребата на лекот, терапевтското значење на лекот од аспект на јавното здравје, од економски аспект, социјален, етички аспект.
„Почитувањето на овие критериуми не може во никој случај да предизивика ставање на неквалитетни и непотребни лекови на позитивната листа. Самиот факт што кардиоскавсуларните заболувања се најзастапени ја наметнува потребата овие лекови во моментов да се приоритет. Освен тоа, се работи за генерички лекови кои во овој момент ќе генериратат трошоци толку колку што Фондот за здравство може да ги покрие. Со овие лекови се поодбрува квалитетот на живот на тие пациенти. Тоа е бенефит и за државата, оти здрави пациенти нема да ви земаат боледувања, и индиректно го штедат државниот буџет“, рече Хаџи Хамза.
Министерот и Хаџи Хамза додадоа дека во иднина на листата ќе се најдат и иновативни лекови и повеќе онколошки препарати.
Б. НЕСТОРОСКА