ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА ОД АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ПОВИСОКА КАЗНА ЗА ГАЗДАТА НА „ДУРМО ТУРС“, ПРВОСТЕПЕНО ОСУДЕН НА 4 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИ

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОБАРА ОД АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ПОВИСОКА КАЗНА ЗА ГАЗДАТА НА „ДУРМО ТУРС“, ПРВОСТЕПЕНО ОСУДЕН НА 4 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА АВТОБУСКАТА НЕСРЕЌА КАЈ ЛАСКАРЦИВо тешката сообраќајна несреќа што се случи на 13 февруари 2019 година кај селото Ласкарци загинаа 16 лица, а 38 беа повредени. (Фото: СДК.МК)

    Скопското обвинителство поднесе жалба на пресудата на Основниот кривичен суд за случајот со автобуската несреќа кај Ласкарци од 2019 година, во која што загинаа 16 лица, а 38 беа повредени.

    Во жалбата, од Апелациониот суд се бара да биде преиначена казната од 4 години затвор за сопственикот на „Дурмо Турс“ Дурмиш Белули, бидејќи од обвинителството сметаат дека таа е премала. Обвинителството бара повисоки казни и за Ремзи Мифтари, шеф на возниот парк во „Дурмо турс“, како и за Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски, вработени во техничкиот центар на истоимената фирма.

    Во јануари годинава, Мифтари беше осуден на 6 години затвор, а Ѓорѓиевски и Дуковски на по 5 години затвор. За казната од 14 години затвор за возачот на автобусот Маноил Трифуновски, обвинителството не се жали.

    „Според јавниот обвинител, во однос на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д., Судот погрешно ги ценел олеснувачките и отежнувачките околности, како и индивидуалната одговорност на обвинетите за случувањето на тешката сообраќајна несреќа, во која загинаа 16 лица, а уште 38 беа повредени. Животите на патниците кои се превезувале не само во предметниот автобус, туку и во другите автобуси и останатите учесници во јавниот сообраќај биле директно загрозени од начинот на кој обвинетите ги извршувале своите законски обврски”, велат од обвинителството.

    Од обвинителството потсетуваат дека во континуитет предметниот автобус бил прогласуван за технички исправен иако воопшто не бил прегледуван, а 16 дена по последниот наводно извршен технички преглед, превозникот „Дурмо турс” вршел јавен превоз на патници со тој автобус без да биде сообраќајно регистриран. Манипулација со брзината на движење и „штелување” на тахометрите, за да не се плаќаат казни не само на предметниот автобус, туку и на други автобуси, било исто така прифатено како правило.

    „Од тие причини, за овие обвинети, јавниот обвинител предлага Апелациониот суд во Скопје да ја преиначи првостепената пресудата и на обвинетите Д.Б., Р.М., И.Ѓ. и Г.Д да им изрече повисоки казни затвор и подолго времетраење на казните забрана за вршење професија, дејност или должност“, велат од обвинителството.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира