Павел Дуров, основачот и главен извршен директор на апликацијата „Телеграм“, е уапсен на аеродромот Бурже близу Париз, објави француската телевизија ТФ1.
Дуров патувал со својот приватен авион од Азербејџан и е уапсен околу 20 часот во саботата и денеска треба да биде изведен пред суд.
39-годишникот, кој според „Форбс“ има богатство од 15,5 милијарди долари, ја напушти Русија во 2014 година откако одби да ги затвори опозициските групи на социјалната мрежа Вконтакте, која што потоа и ја продаде.
Дуров ја основа апликацијата за пораки Телеграм во 2013 година и сега таа има околу 900 милиони активни корисници.