Американските власти запленија авион што му припаѓа на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, тврдејќи дека бил купен илегално за 13 милиони долари и прошверцуван надвор од државата. Според министерството за правда на САД, авионот „дасо фалкон“ бил запленет во Доминиканската Република и префрлен во Флорида.
Нејасно е како и кога авионот завршил во Доминиканската Република. Тој го напуштил аеродромот кај главниот град Санта Доминго вчера и потоа слетал во Форт Лодердејл.
Венецуела го осуди запленувањето, опишувајќи го како пиратски чин.
„Имаме право да покренеме какви било правни дејствија за да се поправи штетата нанесена на нашата држава“, објави владата на Венецуела.
Американски функционери кажаа дека авионот бил запленет поради прекршување на санкциите и законите за контрола на извозот. Истрагата покажала дека луѓе блиски на Мадуро искористиле карипска компанија за да ја прикријат својата вмешаност во незаконската набавка на авионот во Флорида на крајот на 2022 и во почетокот на 2023. Авионот потоа незаконски бил извезен во Венецуела преку Карибите во април 2023.
„Мадуро го користеше авионот за посети на други земји“, кажаа американски функционери.