СЕ СОГЛАСУВАМ СО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ДЕКА НЕМА ПОТРЕБА ОД СВИКУВАЊЕ НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ, ВЕЛИ ТОШКОВСКИ

    СЕ СОГЛАСУВАМ СО ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ДЕКА НЕМА ПОТРЕБА ОД СВИКУВАЊЕ НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ, ВЕЛИ ТОШКОВСКИМинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во посета на пунктот за промена на лични документи „Пролет“ во Скопје. (Фото: МВР)

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека се согласува со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека во моментов нема потреба од свикување на Советот на безбедност, бидејќи безбедносната ситуација не е загрозена. Тошковски кажа дека има информации и најави за немири, но дека Министерството за внатрешни работи може да се справи со секој предизвик.

    „Министерството за внатрешни работи ќе одговори на секој предизвик, покажавме досега дека можеме да се соочиме со сите предизвици. Дали има најави за немири оваа есен, од аспект на протести и така натаму, да, имаше такви информации, од повеќе причини. Дали ќе се справиме со нив да. Се согласувам со ставот на претседателката, сметам дека во овој момент нема потреба од свикување на тоа тело заради тоа што, пак ќе повторам, има информации и најави, но сметам дека во овој момент не е безбедносната состојба загрозена до тој аспект да има потреба да се свика Советот за безбедност“, изјави Тошковски, одговарајќи на новинарско прашање по денешната посета на пунктот за промена на лични документи „Пролет“ во Скопје.

    На 16 август, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кажа дека на државата не ѝ се заканува дестабилизација и дека нема да го свика Советот за безбедност оти нема потреба.

    Премиерот Мицкоски на 5 август на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти во Скопје, кажа дека од повеќе канали добил информации оти раководството на ДУИ во обид да го заштити капиталот што го создаваше изминатите 20 години, ќе преземе чекори во насока на дестабилизирање на државата. Според неговите информации тоа ќе се случи оваа есен.

    Оттогаш, премиерот во неколку наврати кажа дека високи функционери во поранешни влади, коишто се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен и да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира