Инспирацијата за монументалната фреска „Илинден 1903″ Борко Лазески ја добил на Мечкин Камен на 2 август 1950 и таа била толку силна што авторот почнал да работи на фреската истиот ден, напишал уметникот во својот дневник. Лазески (1917-1993) е ликовен уметник кој се смета за предвесник на првата повоена генерација академски образувани уметници во Македонија.
До 30 ноември, во Музејот на македонската борба за самостојност ќе биде отворена изложбата „Анатомија на муралот – Илинден 1903, Борко Лазески“. Изложбата се отвори на 30 јули во чест на 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ – темелникот на македонската државност, а содржи селекција од 24 скици и цртежи изработени од Лазески, кои послужиле како план за монументалната фреска „Илинден 1903“. Тие првпат се претставени пред македонската публика.
„Идејата за таа фреска се роди Таму, на тој ден, Илинден и ја направив како протест за тоа што ИЛИНДЕН ТОГАШ БЕШЕ ОБИЧЕН РАБОТЕН ДЕН. Тогаш се сметаше дека историјата на Македонија почнувала на 11 октомври 1941. Јас ја направив оваа прва моја фреска во Македонија, која доживеа огромен публицитет. Значи: Фреската е правена во 1950 година, штом се вратив од Крушево почнав да работам, а беше изложена на ДЛУМ 29 ноември 1950 година“, напишал Лазески во дневникот.
За историјатот на делото во каталогот пишуваат професорот Ферид Мухиќ и кустосот Марија Коробар. За Лазески, меѓу другото, се наведува дека на почетокот на 1945 учествувал во формирањето на уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Лазески е првиот в. д. директор на Уметничката галерија во Скопје, формирана во 1948 година.
Коробар вели дека во сликарскиот опус на темата за Илинденското востание, која е голема инспирација на авторот, тој ја изведува во повеќе техники и со различен стилски пристап.
Според Коробар, „Анатомија на муралот Илинден 1903″ е анализа на истоимената фреска на Лазески, која претставува значаен дел од македонското културно и историско наследство. Овој мурал, изведен во фреско-боно техника (260 х 520 см), е изработен во 1950 и е прв ваков зафат во нашата земја. Тематиката го обработува значајниот момент од македонската историја, Илинденското востание во 1903. Муралот бил лоциран во некогашниот Дом на армијата (ЈНА) во Скопје, кој бил срушен во земјотресот од 1963 година.
„Во 1951 истовремено работи на делото ‘Мечкин Камен’ (масло на платно, 300 х 500 см), за кое постојат податоци дека се наоѓа во Бриони, Хрватска. Има податок за постоење на уште едно дело со истата тематика, кое би требало да се наоѓа во НУ Музеј на Македонија (во податоците ословуван како Народен Музеј). Со трогателна почит кон настаните од 1903, уметникот повторно го реизведува своето ремек-дело во 1991 година, украсувајќи ги ѕидовите на хотелот ‘Монтана’ во Крушево, со верна репродукција на фреската од 1950 година. Изведено во акрил со димензии 260 x 458 см, ова монументално уметничко дело вдахнува нов живот во безвременската нарација на темата. Во срцето на Крушево, град кој е натопен во богатиот мозаик на македонската историја, хотелот ‘Монтана’ станува соодветно платно за оживување на овој клучен момент од минатото. Наспроти позадината на ѕидовите, потезите на уметникот ги будат духот на отпорот и издржливоста што го дефинираат Илинденското востание. Преку живите нијанси и динамичните композиции на акрилната репродукција, уметникот ја доловува суштината на Илинден, поканувајќи ги гледачите да сведочат на храброста и пожртвуваноста на оние кои се бореле за слобода“, пишува Коробар.
За изложените скици, таа вели дека не се само прелиминарни студии, туку опфаќаат значаен дел од уметничкото патување на авторот, нудејќи длабок увид во неговата креативна перцепција во тој период. Секоја скица е доказ за вродениот талент, креативноста и за острото око за детали на авторот, доловувајќи моменти и сложени нијанси. Преку овие скици, авторот мајсторски ги преведува мислите и емоциите на хартија, поставувајќи ја основата за создавање на фреската.
„Важно е да се напомене дека покрај пионерските зафати во однос на сликарството на авторот, постои седумгодишен хиатус помеѓу Борко Лазески и првиот повоен академски ликовен уметник. Уметничкото наследство на Борко Лазески има трајно влијание врз македонската визуелна уметност и се смета за еден од најзначајните автори во македонската модерна. Зад себе оставил богат опус на творештво, кој ги одразува неговиот креативен развој и влијанието на времето и средината во кои творел. Неговото творештво се одликува со различни стилови, од реализам до апстракција, а делата истражуваат и прикажуваат различни аспекти на македонските култура и идентитет“, пишува Коробар.
Б. НЕСТОРОСКА