СНЕШКА НЕ ПЕЕШЕ, НО СО НЕНАД И САБИНА МИ ИСПЕАЈА „СРЕЌЕН РОДЕНДЕН“ И МЕ РАСПОЛОЖИЈА КОГА НЕ БЕВ СРЕЌНА, РЕЧЕ СИЛВИЈА СТОЈАНОВСКА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА СТАМЕСКА

    СНЕШКА НЕ ПЕЕШЕ, НО СО НЕНАД И САБИНА МИ ИСПЕАЈА „СРЕЌЕН РОДЕНДЕН“ И МЕ РАСПОЛОЖИЈА КОГА НЕ БЕВ СРЕЌНА, РЕЧЕ СИЛВИЈА СТОЈАНОВСКА НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА СТАМЕСКАСтојановска кажа дека Снешка освен колешка, ѝ била и прва братучетка, нивните татковци биле браќа, ги памети нејзините раскажувања за студиите во Белград и Париз, имала многу приказнаи за овие два града, за „парискиот шарм и големата белградска човечка широчина“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Снешка не пееше, сметаше дека нема слух. Кога славев 33 години, бев во еден период од животот кога не бев среќна. На мојот роденден дојдоа Снешка, мојот покоен сопруг Ненад Стојановски и Сабина Ајрула. Ниту еден од нив не пееше, а мене ми испеаја ‘Среќен роденден’ (Happy Birthday) и успеаја да ме расположат“,  рече глумицата Силвија Стојановска, на денешната комеморација во Драмски театар во Скопје во чест на големата театарска актерка Снежана Стамеска. Стамеска почина на 7 септември на 79 години. На денешната комеморација, имаше околу 60-тина уметници, повеќето од оние кои соработувале со неа.

    Стојановска кажа дека Снешка освен колешка, ѝ била и прва братучетка, нивните татковци биле браќа. Ги памети нејзините раскажувања за студиите во Белград и Париз, имала многу приказни за овие два града, за „парискиот шарм и големата белградска човечка широчина“.

    Директорот на Драмски, Роберт Вељановски и министерот за култура Зоран Љутков со семејството на Стамеска. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Снеже цветаше на сцената, таа беше театарска кралица. Мене ми е многу жал што е единствена глумица која беше испратена без аплауз, но верувам дека ќе биде дочекана со аплауз од колегите кои ја чекаат“, рече Стојановска.

    За студиите на Театарската академија во Белград, преку телеграма се присети српската легендарна актерка Светлана Бојковиќ.

    „Уште кога се запознавме си реков дека Снешка е позрела од сите. И не погрешив во тоа. Дипломиравме, се вративме секоја во својата земја и после неколку години се сретнавме, си разговаравме како две актерки, како две мајки на ќерки. Пораснавме во една земја, а еве во третото доба сме во различни земји. Навистина ме потресе нејзиното заминување“, вели Бојковиќ во писмото.

    За работата со Стамеска зборуваше и Благоја Чоревски, а театарскиот режисер Слободан Унковски преку писмо од Виена, рече дека многу ја почитувал и секогаш со голема возбуда се радувал на нивната соработка.

    „Имавме строго професиоални односи, но еднаш, во раните утрински часови, ѕвони телефонот. Ми вели еден глас: ‘Ајде, Снешка се пораѓа, треба да ја носиш во болница’. Јас дури се сетам, ми текнува дека неколку недели претходно, разговарајќи за тоа кој ќе ја носи Снешка во болница кога ќе треба да се пораѓа, бидејќи нејзиниот партнер не беше во Скопје, и реков да ми се јави мене. ‘Овие глумците не се озбилни, мене ќе ми се јавиш’, ѝ реков. Тоа беше прв и последен пат да носам глумица на породување“, вели Унковски.

    „Многу ја сакав и почитував Снеже Стамеска“, рече Чоревски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Стамеска беше првенка на Драмски театар Скопје и една од ведетите на македонското глумиште. Дипломирaла на Театарската академија во Белград во 1970. Од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010 Стамеска беше член на ансамблот на Драмски театар Скопје.

    Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи. Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги. Исклучителната популарност Стамеска ја стекна во 1980-тите и 1990-тите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во „Солунски патрдии“ (1979), Вера во „Диво месо“ (1979), Сина во телевизиската серија „Трст виа Скопје“ (1987), Вера во „Среќна Нова ’49“(1985), и Паца во „Викенд на мртовци“ (1985).

    На денешната комеморација, имаше околу 60-тина уметници, повеќето од оние кои соработувале со неа. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во својата повеќедецениска кариера ги доби наградите: Златен ловоров венец за најдобро актерско остварување на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС) за улогата на Лица во претставата„ Ослободување на Скопје“ (Сараево, 1979); Награда за актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Вера во претставата „Среќна Нова ’49“ (Прилеп, 1985); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Зоја во претставата „Зојкиниот стан“ (1987); Награда на Фестивалот Стериино позорје за најдобро актерско остварување за улогата на Мица во претставата „Сили во воздухот“ (Нови Сад, 1989); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Ана Петровна Војницева во претставата „Платонов“ (2000); Награда „11 Октомври“ (Скопје, 2002); Награда „Климент Охридски“ (Скопје, 2005).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира