„БИЗНИСОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО“ НА ЦВЕТАНОВСКИ ЌЕ ИГРА ВО КИНОТО СИНЕПЛЕКС ОД 19 СЕПТЕМВРИ

    „БИЗНИСОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО“ НА ЦВЕТАНОВСКИ ЌЕ ИГРА ВО КИНОТО СИНЕПЛЕКС ОД 19 СЕПТЕМВРИЦветановски со дел од екипата на „Бизнисот на задоволството“ на фестивалската премиера на Синедејс на 18 јули 2023. (Фото: К. Попов)

    Дебитантскиот игран филм на Гоце Цветановски, „Бизнисот на задоволството“, ќе има македонска кинопремиера на 19 септември, од кога ќе биде на репертоарот во Синеплекс во Скопје. Филмот имаше македонска фестивалска премиера лани на 18 јули на затворањето на Фестивалот Синедејс во Скопје, во меѓувреме беше прикажан на повеќе од 20 фестивали низ светот и освои десет награди, последната во Уругвај.

    „Бизнисот на задоволството“, по сценарио на Цветановски, е еден од првите македонски филмови кој се снимаше додека на сила беа строгите ковид мерки. Приказната следи новинарка која, опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа на трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

    Улогите ги играат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска.

    Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски. Снимен е со поддршка на македонската Агенција за филм.

    Од продукцијата велат дека „Бизнисот на задоволството“ е селектиран во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал на Бахамите, кој се одржува од 13 до 17 ноември во главниот град на Бахамите – Насау. Филмот ќе биде прикажан во програмата Духот на Слободата. Ова е 32.  селекција за филмот на Цветановски кој досега освои 10 меѓународни награди.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира