Рајан Весли Раут, кој вчера наводно сакал да изврши атентат врз Доналд Трамп во неговиот голф клуб во Флорида, бил опседнат со Украина и престојувал во Киев во лето 2022, охрабрувајќи странци да се борат против руските сили, рекол тој за медиумите минатата година. Засега не се познати мотивите на Раут, кој беше уапсен откако агенти на Тајната служба го забележале во грмушките со „калашников“, при што запукале кон него. Трамп веднаш бил одведен на безбедно.
„Многу конфликти се сиви, но овој дефинитивно е црно-бел. Овдека станува збор за борбата на доброто против злото“, изјавил 58-годишниот Раут за руската инвазија за романското издание на „Њузвик“ во јуни 2022.
Запрашан што бара во Украина, тој рекол дека неговата првична цел била да се бори, но не го примиле поради возраста и немањето војничко искуство. Поради тоа, почнал да наговара други да ѝ се придружат на украинската војска.
„Меѓународната легија“, во чии редови служат многумина странски борци во Украина, објави дека немала никакви врски со Раут.
„Сакаме да разјасниме дека Рајан Весли Раут никогаш не бил дел, ниту бил поврзан со ‘Меѓународната легија‘ на кој било начин. Сите тврдења кои сугерираат нешто друго се целосно неточни“, објави „Меѓународната легија“.
Раут за еден друг медиум изјавил дека се обидувал да регрутира авганистански војници обучувани од САД да се борат против руските сили, но украинското министерство за одбрана не сакало да им издаде визи.
„Неколкупати го запознав Рајан. Не би го нарекол луд. Тој беше хиперфокусиран и се обидуваше да ѝ помогне на Украина. Се опседна со тоа. Тој исто така немаше права или овластувања да регрутира борци за меѓународната легија на Украина“, изјави Крис Луц, кој беше хуманитарен работник во Украина.
Раут е во притвор и засега нема официјални обвиненија против него.