Хип-хоп могулот Шон Диди Комбс е уапсен во Њујорк за неодредени федерални обвиненија, објавија федералните власти. Апсењето доаѓа по претресот на неговите имоти во Лос Анџелес и Мајами во март како дел од актуелната истрага за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација.
Адвокатот на Комбс, Марк Агнифило, изјави дека се разочарани со апсењето, додавајќи дека неговиот клиент е невин човек.
Комбс се соочува со низа обвинувања, како за сексуален напад и злоставување, вклучувајќи и од неговата бивша партнерка Касандра Вентура.
„Федералните агенти го уапсија Шон Комбс врз основа на запечатено обвинение поднесено од обвинителот на Јужниот Округ на Њујорк“, изјави обвинителството, додавајќи дека обвинението ќе биде отпечатено денеска.
Комбс се соочува со низа јавни тужби, вклучувајќи обвинувања за силување малолетничка и дека се обидел да натера продуцент да има секс со друг маж. Правните проблеми за Комбс почнаа во ноември 2023, кога Вентура поднесе тужба против него, што потоа го направија уште неколку жени. Една го обвини Комбс за сексуална трговија кога таа имала 17 години.