ФИРМАТА „ВИНОРА“ ЌЕ ПОСТАВИ НОВА КОМПРЕСОРСКА СТАНИЦА НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ФИРМАТА „ВИНОРА“ ЌЕ ПОСТАВИ НОВА КОМПРЕСОРСКА СТАНИЦА НА СКОПСКИТЕ КЛИНИКИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВОДел од хируршките сали во скопските клиники се затворени од 22 мај поради реа. (Фото: К. Попов)

    Фирмата „Винора ДООЕЛ“ од Скопје ќе постави нови компресороска станица во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“, соопшти Министерството за здравство.

    „Донесена е одлука за избор на најповолна понуда, со која е избрана понудата на понудувачот ‘Винора ДООЕЛ Скопје’. Договорот ќе биде потпишан во наредниот период, согласно законските рокови. Инсталацијата и монтажата на опремата треба да се изврши во рок од 4 (четири) месеци, сметано од денот на склучување на договорот, согласно објавените услови во тендерската документација и објавениот оглас“, вели Министерството.

    Дел од хируршките сали во скопските клиники се затворени од 22 мај поради реа. На првиот оглас за нова компресорска станица во јуни не се пријави ниту една фирма, а на 12 септември Министерството за здравство соопшти дека на вториот оглас пристигнала една понуда.

    Министерот за здравство Арбен Таравари вчера рече оти се планира покрај изградбата на нова компресорска станица за хируршките сали на скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ да се задржи и постоечката, за да биде резерва во иднина во случај на дефект.

    „Од пред неколку дена разговаравме и за тоа дека постоечките надворешни компресори да ги задржиме, да се сервисираат и тие редовно и да бидат бекап ако во иднина се случи дефект. Ќе разговараме со фирмата која се јави на огласот како може тоа да се изведе. Колегите од хируршките сали ме информираат дека веќе не се чувствува реата и функционираат добро. Јас се надевам дека нова компресорска станица ќе имаме на почетокот на Новата година“, рече вчера Таравари.

    Уште во јули, тогашниот министер за здравство Илир Демири најави дека во Германија се испратени примероци од компресорите, но до денес не е објавен извештајот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира