Преносни радија користени од Хезболах експлодираа денеска низ Либан, ден по сличниот напад врз мрежата пејџери на оваа милитантна група. Во најновите напади, кои се случија во јужните предградија на Бејрут и на југот на Либан, загинаа најмалку деветмина луѓе, а повеќе од 300 се повредени.
Најмалку една експлозија се случи близу погреб организиран од Хезболах за загинатите во вчерашниот напад, кога беа детонирани илјадници пејџери во досега невидена операција. Притоа загинаа 12 луѓе и се ранети бројни припадници на Хезболах, кој во почетокот на оваа година ги замени мобилните телефони со пејџери како средство за комуникација.
Хезболах се снабдил со воки-токија пред пет месеци, речиси во исто време кога биле купени и пејџери, произведени од фирма со седиште во Будимпешта, изјавија извори од либанската безбедносна служба. Тие кажаа дека израелската шпионска агенција Мосад поставила експлозив во 5.000 пејџери наменети за Хезболах неколку месеци пред вчерашните детонации.
Досега никој не ја презеде одговорноста за нападите, но Хезболах и либанската влада го обвинија Израел, кој досега не се огласил.