Водата од акумулацијата во велешкото езеро Младост е времено забранета за пливање и полевање бидејќи во неа се пронајдени цијано бактерии. На седницата на Советот на Оштина Велес, каде се разговараше по информацијата за состојбата на езерото кажаа оти треба дополнително да се испита дали има и цијано токсини.
Докторката Ивана Горгиевска од Центарот за Јавно здравје Велес, за првпат во јавноста го елаборираше извешајот на Хидробиолошкиот завод (ХБЗ) од Охрид, чии анализи покажа дека водата во акумулацијата е со лош квалитет, ризична за опстанокот на живиот свет и ризична по здравјето на луѓето.
„Водата е забранета за капење бидејќи е докажано присуство на цијано бактерии. Правилникот не ги споменува тие бактерии како елемент за дозвола за капење и ако водата не ја испитуваше Хидробиолошки завод, немаше да се констатира дека цијано бактеријата постои во езерото Младост. Во 2016 тие колиформни бактерии се исфрлени и не треба да се проверуваат во сезоната на капење, туку само ентеро коките и ешерихија коли, кои предизвикуваат гадење и повраќања. Врз основа на резултатите на ХБЗ Охрид, донесена е „алерт2“ забрана за капење, која е времена до моментот на докажано присуство на цијано токсини. Можно е водата на акумулацијата Младост да има цијано бактерии, но не знаеме дали излачуваат цијано токсини. Има 60 илјади цијано бактерии, од нив 200 се бактерии кои го лачат тој цијано токсин. Следно нешто што треба да се направи е да се докаже присуство или отсуство на цијално токсин и потоа негова концентрација“, кажа д-р Горгиевска.
Со ваков проблем во Македонија се имаат соочено со водата од акумулацијата Берово која во 2009 таму била со карактеристична розова боја.
„Во случајот со Беровско езеро е докажано присуство на цијано токсини, во рамките на максимално дозволени концентрации (МДК), што значи езерото било безбедно за евентуалните капачи. СЗО нема податоци за езера кои имаат цијано токсини и за нивното влијание врз капачите, но ако цела сезона човек се капе во таква вода, како тоа ќе влијае на неговото здравје? Овој „алерт2“ за велешкото езеро Младост, ја известува јавноста дека има присуство на цијано бактерии. Тоа во пракса значи да не се допираат тие зелени теписи по површината,“ дополни Горгиевска.
Најблиску каде што може да се испита водата за присуство или отстуство на цијано токсини е во Словенија. Таму се испитува и евентуалната нивна концентрација. Во други лабаратории во регионот нема таква можност.
П. ПЕЧКОВ