Либан кажа дека само САД можат да ги запрат борбите помеѓу Израел и Хезболах и да ја спасат земјата, но го критикуваше вчерашниот говор на Џо Бајден во Обединетите нации како недоволно силен и ветувачки.
Блиски Исток е на раб на општа војна откако Израел ги нападна позициите на Хезболах во Либан во понеделникот и продолжи жестоко да ја бомбардира земјата и вчера. Од почетокот на борбите, во Либан загинале најмалку 569 луѓе, од кои 50 деца, 1.835 се ранети, а пола милион се раселени.
Во својот последен говор во ОН како претседател на САД, Бајден изјави дека општа војна не е во ничиј интерес и дека дипломатско решение и натаму е можно.
„Обраќањето на Бајден не беше доволно силно и ветувачко. САД е единствената држава која навистина може да направи разлика на Блиски Исток и да му помогне на Либан. Америка е клучот на нашиот спас“, изјави либанскиот министер за надворешни работи Абдала Боу Хабиб во Њујорк.
Советот на безбедност на ОН денеска ќе разговара за конфликтот.
„Либан е на работ. Светот не може да си дозволи уште една Газа“, рече генералниот секретар на ОН, Антонио Гутерес.
Израел вчера уби уште еден висок заповедик на Хезболах и најави засилување на нападите врз групата.
„Го ослабнавме Хезболах и нападите ќе продолжат. Групата претрпе сериозни удари“, кажа израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.