Норвешката полиција отвори прелиминарна истрага за извештаите дека бугарска компанија во сопственост на Норвежанец била поврзана со продажбата на пејџери на Хезболах, кои експлодираа минатата недела во Либан. На Ринсон Хосе му се губи трагата од 18 септември откако наводно заминал на службен пат во САД.
За период од два дена минатата недела, илјадници пејџери и воки-токија на Хезболах беа разнесени во Либан, при што загинаа 39 луѓе, а илјадници беа ранети. Никој не ја презеде одговорноста за овие напади, но Хезболах и Либан веднаш го обвинија Израел.
Нејасно е како и кога бил ставен експлозив во пејџерите за да можат да бидат детонирани од далечина. Тајван, Унгарија и Бугарија ги истражуваат можните врски со ланецот на снабдување.
Бугарските власти минатата недела кажаа дека ја истражуваат компанијата „Норта глобал“ од Софија откако унгарски медиум објави дека таа посредувала во продажбата на пејџерите. Според бугарскиот регистар на компании, таа била основана во 2022 од норвешкиот државјанин Ринсон Хосе (39), кој го потпишал статутот на компанијата во бугарскиот конзулат во Осло.
Хосе одбил да зборува со медиумите по експлозиите во Либан.
Неговиот профил на Линкедин покажува дека од февруари 2020 е вработен во компанијата „ДН Медија груп“, од каде што рекле дека Хосе заминал на конференција во Бостон на 17 септември. Според норвешките медиуми, тој последен пат контактирал со колегите на 18 септември и оттогаш немаат слушнато за него.
„Ројтерс“ вели дека не пронашол врска помеѓу „Норта глобал“ и „ДН Медија груп“.