„Сенки во облаците“ е насловена изложбата на сликарот Емил Шулајковски која ќе се отвори на 1 октомври во 20 часот во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ). Со оваа изложба авторот одбележува 30 години творештво.
Изложбата е составена од пет одвоени циклуси, создадени во периодот меѓу 2022 и 2024, при што доминираат слики од 2023 и 2024, но се претставени и неколку дела од 2019 со издвоени наслови: „Градина на задоволствата“ (2019-2023), „Трансформација на симболите“ (2023), „Рефлексии на моментот“ (2023-2024), „Виор во мислите“ (2023-2024) и „Сенки во облаците“ (2023-2024), изведени во техниките масло и акрил на платно.
„Како една од основните карактеристики на сликарството на Емил Шулајковски за почеток може да ја издвоиме доследноста на константата, која подразбира визуелизација на доживувањата преку експресионистичка изразност со боја врз платно, при што авторот ги спојува лирската апстракција и апстрактниот експресивен гест во динамични ликовни форми со пантеистичка животна и уметничка филозофија“, вели кураторката на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска
Шулајковски е роден во 1969 во Скопје, дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Реализирал 28 самостојни изложби во Скопје, Кавадарци, Куманово, Тетово, Битола, Охрид, Белград, Ниш, Подгорица, Љубљана, Лексингтон и Њујорк, а учествувал на преку седумдесет групни изложби.
Неговите дела се застапени во приватни и јавни колекции во Македонија, Србија, Словенија, Хрватска, БиХ, Грција, Кипар, Албанија, Бугарија, Италија, Ватикан, Франција, Германија, Шпанија, Португалија, Англија, Ирска, Полска, Чешка, Финска, Швајцарија, Белгија, Холандија, Луксембург, Норвешка, Русија, Турција, САД, Канада, Кина, Сингапур, Јапонија и Австралија. Добитник е на четири национални награди за сликарство.
Изложбата ќе биде поставена до 20 октомври.