ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ДОЛГОМЕТРАЖЕН АНИМИРАН ФИЛМ „ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО СИТЏЕС ВО ШПАНИЈА

    ПРВИОТ МАКЕДОНСКИ ДОЛГОМЕТРАЖЕН АНИМИРАН ФИЛМ „ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ФЕСТИВАЛОТ ВО СИТЏЕС ВО ШПАНИЈАФилмот ќе има две прикажувања на фестивалот, на 5 и на 11 октомври (Фото: Линкс студио)

    Јон Вардар против галаксијата”, првиот македонски долгометражен анимиран филм, ќе има светска премиера на 5 октомври на 57. издание на Филмскиот фестивал во Ситџес во Шпанија, еден од најстарите жанровски фестивали на светот, посветен на хорор и фантастика.

    Филмот во режија на Гоце Цветановски е селектиран во фамилијарната секција на фестивалот и ќе има две прикажувања во ударни термини, при што второто ќе се случи на 11 октомври.

    Огромен успех е што светската премиера на ‘Јон Вардар‘ ќе се одржи на престижен фестивал од овој калибар и очекувам да продолжи со уште многу успешни прикажувања низ целиот свет. Филмот е веќе селектиран на уште еден голем филмски фестивал што ќе се одржи годинава“, кажа Цветановски.

    Во најавата на филмот, што се правеше девет години, стои дека „‘Јон Вардар против галаксијата‘ ќе ве однесе меѓу планетите заедно со еден смотан човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу вонземјани, кои ќе бидат во мисија да ја спасат галаксијата од самите себеси“.

    Продуценти на филмот се Алан Кастиљо од „Линкс студио”, Ева Конрад, браќа Калинови и Ладо Скорин, арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Во главните улоги настапуваат Жарко Димовски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.

    Бидејќи жанрот не познава возраст, фестивалот во Ситџес повторно ќе ги прикаже моментално најфасцинантните фамилијарни проекти од светот. Меѓу селектираните филмови годинава го откривме ‘Јон Вардар против галаксијата’ на Гоце Цветановски, првиот анимиран филм во историјата на Северна Македонија“, објавија организаторите на фестивалот.

    Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, со копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира