„АЛКАЛОИД“ НА ХУМАНИТАРЕН ПИКНИК СОБРА ДВА МИЛИОНА ДЕНАРИ ЗА СОС ДЕТСКО СЕЛО

    „АЛКАЛОИД“ НА ХУМАНИТАРЕН ПИКНИК СОБРА ДВА МИЛИОНА ДЕНАРИ ЗА СОС ДЕТСКО СЕЛОХуманитарниот пикник се одржа по 10. пат. (Фото: Алкалоид)

    Околу два милиона денари донираше компанијата „Алкалоид“ на СОС Детско село. Парите се собрани од учеството на хуманитарниот пикник кој годинава се одржа по десетти пат, каде што наменски дизајнираните маички со лајтмотив беа пропусница.

    „Денеска заокруживме значаен, 10. јубилеј на колективна солидарност на собирот кој прерасна во празник на хуманоста за сите алкалоидовци. Околу 3.000 наши колеги и пријатели донираа средства преку Фондацијата ’Трајче Мукаетов’, кои ќе бидат наменети за СОС Детско село. Со оваа организација отпочнавме стратешка соработка во 2022 година со цел да ги олесниме тековните трошоци за децата под нивна закрила и да обезбедиме едукативна поддршка, пристап до професионално советување и слично зашто секое дете заслужува посреќно и побезгрижно детство“, рече генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

    Директорката за обезбедување фондови и комуникации на СОС Детско село, Силвија Брајовиќ, рече дека денешната донација претставува продолжување на трета година кумство и поддршка на едно згрижувачко семејство за тековни животни трошоци и развојни потреби на децата, кои добиваат не само материјална помош, туку и љубов, сигурност и припадност.

    „Со ’Алкалоид’ веќе три години нè поврзува едно прекрасно партнерство, кое не само што ја покажува нивната посветеност како компанија, туку и искрената грижа за најранливите во нашата заедница – децата без родителска грижа“, рече Брајовиќ.

    Соработката на „Алкалоид“ со СОС Детско село почна во 2022 кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, се издвојуваше одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над два милиона денари, кои беа донирани на оваа организација.

    СОС Детско село во моментов се грижи за близу 500 деца и младинци кои се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира