Израел го уби лидерот на Хамас во Либан, додека тројца водачи на друга палестинска група загинале во израелски воздушен напад врз Бејрут, што е прв таков напад во рамките на градот.
Хамас потврди дека неговиот лидер во Либан, Фатех Шериф Абу и неговите сопруга, син и ќерка загинале откако била погодена куќа во палестински бегалски камп во јужниот град Тире.
Во исто време, Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) објави дека тројца негови водачи биле убиени во напад врз населбата Кола во Бејрут. Во нападот бил погоден горниот кат од станбена зграда. ПФЛП е милитантна група која исто така учествува во борбите против Израел.
Засилените израелски напади врз Хезболах во Либан и хутите во Јемен ги поттикнаа стравувањата дека борбите на Блиски Исток би можеле да излезат од контрола и дека во нив би можеле да бидат вовлечени и Иран и САД. Во вчерашните напади врз Јемен, кога беше гаѓан пристанишниот град Ходеидах, имало четворица загинати.
Во Либан, израелските бомбардирања досега се фокусираа главно на југот на земјата и јужните предградија на Бејрут, кои важат за упоришта на Хезболах, па денешниот напад е прв чија цел бил централниот дел од градот.