ВО РЕОНОТ НА ЉУБОТЕН ПРОНАЈДЕНО БЕЗЖИВОТНОТО ТЕЛО НА 73-ГОДИШНАТА ПЛАНИНАРКА КОЈА ИСЧЕЗНА ВЧЕРА

    ВО РЕОНОТ НА ЉУБОТЕН ПРОНАЈДЕНО БЕЗЖИВОТНОТО ТЕЛО НА 73-ГОДИШНАТА ПЛАНИНАРКА КОЈА ИСЧЕЗНА ВЧЕРАПланинарката била со група од Скопје која сакала да оди на врвот Љуботен, но се вратиле поради лошо време (Фото: СДК.МК)

    Планинарка на возраст од 72 години, која вчера беше пријавена за исчезната, денеска е пронајдена почината во реонот кој води кон планинарскиот дом „Љуботен“. Во потрагата по починатата биле вклучени лица од ЦУК Тетово, Националниот парк „Шар Планина“ и специјалци од МВР. Изутринава околу 7:30 часот таа била пронајдена, но без знаци на живот.

    „Регионалниот ЦУК Тетово извести дека преку единствениот повикувачки број за итни случаи 112 вчера во 11:57 часот беше примен повик за исчезната планинарка на Шар Планина во реонот на Љуботен, по што беше организирана потрага, што продолжи и денеска откако се раздени. Во потрагата беа вклучени ренџери од НП ‘Шар Планина‘, 12 специјалци од МВР и пет полициски службеници од ПС Теарце. Утрово, од НП ‘Шар Планина‘ известија дека денеска во 7:30 часот е пронајдена жената во месноста Ржaн Камен, но без знаци на живот. За извлекување на настраданата жена од тежок и непристапен терен интервенираше и алпинистот Надир Мурсели, кој помага при вакви случаи на Шар Планина. Увид на местото ќе изврши екипа од СВР Тетово, а известен е и јавен обвинител“, соопштуваат од ЦУК.

    Алпинистот од Тетово Надир Мурсели речиси секогаш го повикуваат при вакви екстремни случаи кога треба да се интервенира на тешко достапни места.

    „Планинарката ја најдовме изутринава. За жал, паднала во дел каде што завршува шумата и се спојува со пат кој води кон бачилото на Беким во планината. Таа паднала во провалија, а телото беше во сувиот дел од коритото на реката која тука поминува. Таа била со група планинарки од Скопје кои сакале да одат на врвот Љуботен, но во еден момент увиделе дека времето не е баш добро и решиле да се вратат. Кога стигнале под вилата ‘Љуботен‘, таа застанала да побара печурки и тука го промашила патот и заостанала од групата. Се јавила по телефон, но многу кратко зборувале со неа. И ѝ објасниле каде треба да оди, но ѝ се исклучила батеријата, со што бил изгубен контактот со неа. Во потрагата, за да ја најдеме побрзо, се поделивме во две групи. Пристапот до местото каде што беше таа не беше многу страшен, но требаше да се помине реката, што не беше така едноставно. Во потрагата сите дадовме максимум“, вели Мурсели.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира