ХЕЗБОЛАХ Е ОРГАНИЗАЦИЈА БЕЗ ГЛАВА, ГО ЕЛИМИНИРАВМЕ И НЕЈЗИНИОТ ИДЕН ЛИДЕР САФИЕДИН, КАЖА ИЗРАЕЛ

    ХЕЗБОЛАХ Е ОРГАНИЗАЦИЈА БЕЗ ГЛАВА, ГО ЕЛИМИНИРАВМЕ И НЕЈЗИНИОТ ИДЕН ЛИДЕР САФИЕДИН, КАЖА ИЗРАЕЛКако шеф на извршниот совет на Хезболах, Хашем Сафиедин раководеше со политичките прашања на групата (Фото: Гети)

    Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека еден од највисоките функционери на Хезболах, Хашем Сафиедин, веројатно загинал во воздушен напад врз Бејрут минатата недела, што би бил уште еден тежок удар за групата поддржана од Иран. Шеесетгодишниот Сафиедин се најавуваше како иден лидер на Хезболах по убиството на Хасан Насралах минатиот месец.

    Хезболах е претепан и скршен. Тоа е организација без глава. Насралах е елиминиран, а и неговата замена веројатно е елиминирана. Таму веќе нема кој да носи одлуки и да дејствува“, кажа Галант.

    Сафиедин не присуствувал на состанокот на водството на Хезболах на 27 септември кога Израел го нападна јужното предградие на Бејрут и, меѓу другите, го уби Насралах. Тој се водеше како исчезнат од друг израелски воздушен напад врз Бејрут и Хезболах досега не се огласи за неговата судбина.

    Како и Насралах, и Сафиедин беше клерик кој носеше црн турбан и физички наликуваше на убиениот лидер на Хезболах, со кого беа во роднински врски. Како шеф на извршниот совет на Хезболах, Сафиедин раководеше со политичките прашања на групата, но беше член и на советот за џихад, кој управува со воените операции.

    Додека Израел ја шири својата копнена офанзива во јужен Либан, Хезболах навести дека е отворен за преговори за примирје. Заменик-лидерот на Хезболах Наим Касем денеска кажа дека ги поддржува напорите да се постигне примирје во Либан и за првпат не го услови тоа со крајот на војната во Газа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира