ЈАС СУМ ПРОТИВ ОДЛУКАТА ЗА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ТРГОВСКИТЕ МАРЖИ, НО СТАВОТ НА ВЛАДАТА Е ТОЈ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

    ЈАС СУМ ПРОТИВ ОДЛУКАТА ЗА ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ТРГОВСКИТЕ МАРЖИ, НО СТАВОТ НА ВЛАДАТА Е ТОЈ, РЕЧЕ МИНИСТЕРКАТА ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА„Ако сум добила податоци и гледам дека профитабилноста не е таква каква што компаниите или некој друг се обидел да ја претстави јас не можам да замижам на тоа“, рече министерката за финансии. (Фото: К. Попов)

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека е против замрзнувањето на трговските маржи и според неа, таквата мерка не носи никакви резултати.

    „Никогаш не можам да се согласам со мерката на замрзнување на цени, маржи, тоа се сложени методологии за пресметка, и сметам во државните институции нема доволно капацитет кој може точно да ги пресмета тие маржи и да потврди дека тоа е така. Независно од тоа, јас моето размислување го кажав на Владата, но ставот на Владата е тој, кој оди како заедничка одлука и ставот на Владата беше дека ќе се продолжи со замрзнување на трговските маржи со тоа што во периодот кој следи очекувам да има промени во тој дел, и да не се продолжува на истиот овој начин, затоа што јас сметам дека ефектите нема да бидат толку големи колку што се очекува особено во услови кога имаме ниска инфлација“, рече министерката на денешната прес-конференција за 100 дена Влада.

    Спротивно на ова, како што рече, го подржува Законот за нефер трговски практики.

    „Сметам дека тој повеќе ќе го регулира пазарот отколку овие математики кои ги правиме. Законот за нефер трговски практики многу поедноставно може да се проверува и следи во однос на она што значи замрзнување на цени.

    На прашањето дали била осамена во моментот на носењето на одлуката за маржите на Влада, министерката одговори: „Јас сум човек што има став и не го менувам така едноставно затоа што ниедна одлука досега не сум ја донела избрзано, ниту сум ја донела поради некаков инает туку само врз база на тоа што значи анализа на бројки и воочување на реалноста“.

    „Ако сум добила податоци и гледам дека профитабиолноста не е таква каква што компаниите или некој друг се обидел да ја претстави јас не можам да замижам на тоа. Но, независно дали сум била осамена или не, одлуката на Владата е конечна, а јас само го кажувам мојот став и сметам дека е многу сложена проблематика особено во услови кога имаме проблеми од другата страна во однос на администрацијата и тоа кој ќе ги следи мерките и дали правилно ја анализирале методологијата како ќе стигнеме до таа бруто трговска маржа.Д искутабилно е и темата со високите цени при услови на инфлација од 2 до 3 проценти. Кога има таква инфлација значи не може цените да пораснале и да се толку високи. Суштината е кои цени се виоски. Каде е најголемиот проблем, тоа се цените на зелените пазари, и во овој момент граѓаните кога работат и кога подготвуваат зимници тука е најголемиот ефект е тука е проблемот. Ова е комплексно прашање и не се решава само со замрзнување на цени во еден месец и носење на одлука на Влада. Кај нас проблемот се земјоделските производи. За жал од година во година имаме се помало производство на овие производи и се поголчем увоз“, кажа Димитриеска- Кочовска за замрзнувањето на цените.

    Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд.

    Исто така, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска за да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70% од прибавените количини во месец август 2024 од овие производи на листата.

    Оваа одлука ќе се применува до 31 октомври годинава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира