ВО МВР УБЕДУВАЛЕ ГРАЃАНИН ОД ТУРСКА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ ДА ЗЕМЕ ПАСОШ НА ДРУГ ЈАЗИК АКО САКА ПОБРЗО ДА ГО ДОБИЕ ЗА ДА ПАТУВА, КОМИСИЈАТА УТВРДИЛА ДИСКРИМИНАЦИЈА

    ВО МВР УБЕДУВАЛЕ ГРАЃАНИН ОД ТУРСКА ЕТНИЧКА ПРИПАДНОСТ ДА ЗЕМЕ ПАСОШ НА ДРУГ ЈАЗИК АКО САКА ПОБРЗО ДА ГО ДОБИЕ ЗА ДА ПАТУВА, КОМИСИЈАТА УТВРДИЛА ДИСКРИМИНАЦИЈАПодносителот во претставката доставил и изјава на 13 граѓани од турска етничка припадност, на кои во периодот од 5 јануари до 20 април 2024 не им биле примени барањата за издавање лични документи на македонски и на турски јазик. (Фото: СДК.МК)

    Во МВР-Гостивар на граѓанин од Врапчиште од турска етничка припадност одбиле да му го прифатат барањето за патна исправа на турски и македонски јазик зашто немале набавено такви обрасци и му понудиле друг со каков било јазик. Бидејќи човекот требало итно да патува, бил принуден да прифати пасош на друг јазик, различен од мајчиниот.

    За ова поднел претставка на 4 јули годинава пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која веќе имала отворено голем предмет за ова, по поднесена претставка од Демократската партија на Турците поради немање обрасци за пасоши за Турците – македонски државјани.

    Комисијата ги споила двете претставки и утврдила директна, но и индиректна продолжена дискриминација од Министерството за внатрешни работи кон овие припадниците на турската етничка припадност.

    „Се утврдува директна дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик врз граѓанин од Врапчиште во процес на издавање лични документи, сторена од страна на Министерството за внатрешни работи. Се утврдува и директна продолжена дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик врз граѓаните на Република Северна Македонија од турска етничка припадност во процесот на издавање лични документи, сторена од страна на Министерството за внатрешни работи“, стои во одлуката на Комисијата.

    Претставката од Демократската партија на Турците била поднесена во најголемата пасошка криза, на 30 јануари годинава, и во неа се тврди дека во речиси сите подрачни единици на МВР каде се аплицира за издавање лични документи (пасоши, лични карти и возачки дозволи), граѓаните од турска етничка припадност се соочуваат со неможност за добивање на бараните документи на турски јазик. Тоа трае долго време и Турците во Македонија не можат да го искористат своето законско право на двојазични лични исправи.

    „Воедно, вработените на шалтерите во МВР, ги упатуваат граѓаните од турска етничка припадност да вадат документи на друг јазик, со образложение дека така брзо би ги извадиле, а ако сакаат да аплицираат за документи на турски јазик, ќе чекаат подолго бидејќи нема обрасци. Подносителот смета дека ваквата пракса на МВР претставува дискриминација врз основа на етничка припадност врз граѓаните на Македонија од турска припадност“, се наведува во претставката на политичката партија.

    Кога Комисијата се обратила до Одделот за граѓански работи во МВР, оттаму одговориле дека уште од 5 јули 2021, согласно Законот за употреба на јазиците и промената на уставното име на државата, Министерството набавува обрасци за сите малцинства. И, дека во периодот од 5.07.2021 до 20.02.2024 година, биле поднесени вкупно 21.200 барања за патни исправи од тип Е (исправи на турски јазик). За овој период биле издадени вкупно 20.979 исправи на турски јазик. Одделот нагласил дека не е надлежен за набавка на обрасци од кој било тип.

    На 4 јули, меѓутоа, пристигнала и конкретна претставка против МВР, од дискриминиран македонски Турчин од село Врапчиште. Тој на шести февруари во подрачната единица на МВР во Гостивар, се обидел да поднесе барање за издавање на пасош, со барање формуларот и образецот на пасошот да бидат на македонски и на турски јазик.

    „Службениците на шалтерот на кој се поднесува барањето за издавање пасоши го информирале подносителот дека подолго време нема обрасци на турски јазик и дека не можат да го прифатат неговото барање за издавање на пасош на македонски и на турски јазик. Тие му рекле дека може да поднесе барање за издавање пасош на друг јазик. Поради итна потреба од патување, подносителот бил принуден да извади пасош на друг јазик“, наведува за случајот Комисијата за антидискриминација.

    Дополнително, подносителот во претставката доставил и изјава на 13 граѓани од турска етничка припадност, на кои во периодот од 5 јануари до 20 април 2024 година не им биле примени барањата за издавање на лични документи на македонски и на турски јазик во подрачната единица на МВР во Гостивар, поради недостиг на обрасци на турски јазик.

    Граѓанскиот оддел во МВР ја дал истата одбрана како и за првата претставка.

    КСЗД вели дека е несомнено оти МВР издало двојазични пасоши за споменатиот период, но во ниту еден момент за поднесените претставки не дава одговор и аргументација за одбивањето на граѓаните од турска етничка припадност да поднесат барања за издавање патни исправи на македонски и турски јазик во периодот од јануари до април 2024, ниту пак во споменатите поднесоци дава аргументација за посочениот недостаток на обрасци на турски јазик.

    „Токму овие наводи од претставките на подносителите го прават тврдењето за доскриминација веројатно, и го префрлаат товарот на докажување врз МВР, кое не успева да го побие тврдењето на подносителите на претставките. Припадниците на турската етничка заедница ги става во понеповолна положба во однос на Македонците и етничките Албанци, за кои има обрасци“, констатира Комисијата.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорачува МВР да изврши набавка на доволен број обрасци на турски јазик за издавање лични карти, возачки дозволи и пасоши на турски јазик, со цел непречено и континуирано постапување по барањата и издавање на документи на на турски јазик, во рок од 90 дена од приемот на мислењето и препораката, и за тоа писмено да ја извести Комисијата.

    Се препорачува МВР континуирано и непречено да ги прима и да постапува по барањата на граѓаните за издавање на лични документи на други јазици, согласно Законот за употреба на јазиците.

    Се препорачува МВР во иднина во плановите за јавни набавки прецизно да го дефинира бројот на потребните обрасци за издавање лични документи на други јазици, со цел непречено и континуирано издавање на личните документи согласно член 12 и член 14 од Законот за употреба на јазиците, а во насока на превенција од дискриминација врз основа на етничка припадност и јазик.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира