Откако црните мршојадци, кои се ретки птици и загрозен вид, дефинитивно исчезнаа од Македонија во 2005, сега на хранилиштето за мршојадци на висорaмнината Витачево кај Кавадарци повторно е регистрирана ваква птица.
„Деновиве, после секоја прихрана се појавува млад црн мршојадец, во првата година од животот. Задоволството е посебно, бидејќи последниот примерок од овие птици од македонското тло исчезна пред 12 години, оттогаш повторно беше виден само еден примерок во 2015 и еве сега. На Балканот остана само една мала популација во североисточна Грција, од каде што претпоставувам е дојдена младава птица“, ни рече Емануел Лисичанец, од Друштвото за заштита на природата Аквила од Кавадарци.
Татко му Томе Лисичанец, иако има 81 година, и во услови на екстремно ниски температури и длабок снег не запира со прихранувањето на мршојадците. Резултатите од тој ентузијазам се видливи на фотографииве. Речиси четири децении тој редовно им носи храна на мршојадците, за кои вели дека како птици се корисни во синџирот на исхраната во природата.