Опсегот на здравствените услуги во Македонија и нивната достапност, особено специјалистичките медицински услуги и нивната географска дистрибуција, според последниот извештај на Европската комисија се несоодветни, а тоа го потврдуваат и реакциите на македонските граѓани во анкетата на САКАМДАКАЖАМ.МК што ја спроведовме преку нашата алатка за анонимно пријавување граѓански проблеми.
Во болниците од јавното здравство со години се чека за операции, со месеци за контролни прегледи, но ако пациентот плати да се оперира приватно во државните болници, веднаш се наоѓа термин, велат граѓаните. Но според хирурзи со кои разговаравме, еден од проблемите во македонското јавно здравство е што ниту една болница нема служба за односи и комуникации со пациентите која би ги закажувала операциите, па пациентите директно комуницираат со докторите, хирурзите и другите здравствени работници.
„Четири години чекам термин за операција на катаракта, нема термин. Жално и тажно во 21. век“. „ Во 2023 на сестра ми ѝ закажаа операција на жолчка за 2025. Што е многу многу е“. „За операција на перде две и пол години чекаме и уште не е опериран пациентот“. „За една банална операција од 15 минути не ме викнаа на операција никогаш“. „Една година чекам за операција на жолчка“. „На 1 ноември ми закажаа термин за физикална терапија за на 9 јуни 2025“.
Ова се дел од коментарите на граѓаните дадени на нашата анкета.
Во Македонија, велат нашите соговорници, лекари кои не се овластени да даваат официјални изјави, има три вида пациенти: оние кои можат да си платат на приватно, оние кои не можат ни на приватно да си платат ниту пак имаат врски, и третите се кои имаат јаки врски.
„Проблем се тие што имаат јаки врски, и роднински и политички. Тие се уфрлуваат на листата на редовни операции и автоматски листата се поместува и оддолжува. Секој работен ден ни почнува со колегиум на кој ја гледаме листата за операции. И, туку ќе се јави некој, му се јавиле од партија, му се јавил градоначалникот, му се јавил колега, директорот презел обврска… и ќе се поремети“, ни рекоа хирурзи од една скопска болница.
Овие злоупотреби со елективните операции, односно, оние што не се итни и животозагрозувачки и може да почекаат извесно време, би се решиле кога листата на чекање би била достапна и за пациентите. Нормално, со заштитени лични податоци, но направена така да може самиот пациент, да влезе со лична шифра и да си провери до каде е неговиот ред. „Непримерно е целата таа кореспонденција да биде оставена на комуникацијата лекар – пациент и тие лично да си се договараат. Така самиот систем го става и пациентите и здравствените работници во коруптивна ситуација“, велат здравствените работници со кои разговаравме, а кои се упатени во темата.
САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања во Министерството за здравство до каде е процесот со дигитализација на хируршките листи, дали Министерството планира да преземе мерки и конкретни решенија за да се надмине овој проблем за дигитализација и систем, служба за комуникација на болниците со пациентите, но до објавувањето на текстот , две недели откако ги испративме прашањата по е-пошта, не добивме одговор.
Во 2006, тогашниот министер за здравство Владо Димов донесе правилник за дополнителна дејност на здравствените работници, врз основа на член 115-а, став 2 од Законот за здравствената заштита, со кој се пропишуваат критериумите по однос на исполнување на обврските на работните места на здравствените работници.
Во Член 2 стои: „Здравствени работници -специјалисти вработени во здравствени установи што вршат специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита со над седум години работно искуство во специјалноста (во натамошен текст: здравствени работници) можат да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност согласно со лиценцата за работа во установата каде што се вработени или во друга здравствена установа која е регистрирана за истата дејност откако ги исполниле обврските на работното место поврзани со дејноста што ја вршат во здравствената установа во која се вработени“.
Член 3 вели дека „Критериум за исполнувањето на обврските на работното место е бројот и обемот на здравствените услуги извршени на работното место на здравствениот работник, а согласно утврдениот вид и обем на здравствени услуги на ниво на здравствената установа утврдени во програмата за работа односно во договорот склучен помеѓу здравствената установа и Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Исполнувањето на обврските на работното место согласно критериумите од став 1 на овој член се оценува од страна на стручниот колегиум на здравствената установа“.
Граѓаните реагираат и дека не е оти нема само термини за оперативни зафати, термини нема ниту за контроли да се направат од типот мамографија на дојки, доплер, дексаскен, петскен, ниту за редовни иследувања по некое заболување.
Еден граѓанин вели дека има направено компјутерска снимка, две недели нема кој да ја прочита, друг вели дека за физикална терапија во Скопје се чека со месеци, а болеста не може да чека.
„Чекав 5 години за да ми се поремети цела статика на колкови и р’бет. Среќа добро поминав со операција на колкот, ама за другиот ќе биде уште толку“, вели еден читател. Друга читателка коментира: „Не можеш термин да добиеш за контролен преглед со ехо, треба да чекаш најмалку 3 до 4 месеци. Матичните велат нема термин, не пуштаат термин, па ќе те пратат во некоја поликлиника, па од таму до клиники после 3 месеци и така чекајќи ако немаш пари да одиш приватно ќе те покрие црна земја“, вели пациентка.
Читател вели дека на државно никако не му закажувале термин за операција на простата, но бидејќи било итно, успеал да фати врски и веднаш го опериралe.
„За простата, меѓу редови јасно ми беше дадено на знаење дека нема да има термин додека не платам. Морав да го оперирам едното око, исто со врски. Кога се појави катаракта на второто око немав врски и чекав 2 и пол години за термин“, пишува читател.
Пациентка вели дека после вадење крајници, имала повторувачка инфекција на стрептокока во крвта и морала често да пие антибиотик.
„Ми рекоа дека имало многу пациенти, зафатени биле термините преку фондот, само за на приватно имале термини. Операцијата се правела вон работно време, од 14 до 15 часот во текот на денот“.
„Секогаш има термини за сѐ, само ако имаш да дадеш повеќе евра“, „’Мој термин’ е промашена инвестиција само во корист на лекарите, а не за пациентите. Министерот, д-р Арбен Таравари треба итно да го среди ова. Ова му е втора шанса, а помалку да се занимава со политика“, велат читателите.
Реакции има и за односот на вработените во јавното здравство. Дрскоста на шалтерскиот персонал, вели читателка, е до најниско понижувачко ниво кон пациентот, а друг читател коментира дека недостасуваат етика, морал, хуманост, ни професионалност.
Министерот Таравари на 12 август најави дека разговараме со одговорните од Управата за електронско здравство „Мој термин“ дека се работи на проширување на „Мој термин“ и евентуално нова дигитализација.
„На Македонија дефинитивно ѝ треба сите здравствени установи да бидат во ист систем, и јавни и приватни установи, и фармации, Фондот за здравство. Ќе видиме, ќе разгледаме“, рече Таравари.
На 3 октомври, на промоција на нов апарат за магнетна резонанца, министерот рече: „Не би сакал да претерам, но најверојатно Македонија е земја во која најмалку се чека за да се направи магнетна резонанца, со која можеме да се пофалиме како држава“.
Европската комисија во последниот извештајот за напредокот на Македонија исто така наведува дека иако примарното здравство е обезбедено бесплатно, неговото финансирање е значително под просекот на Европската Унија.
Од Европската комисија потсетуваат дека медицинските работници продолжуваат да го напуштаат јавното здравство за приватниот сектор или за да работат во странство. Се напоменува и тоа дека и покрај постоењето на апликацијата „е-здравство“, упати сѐ уште се даваат на хартија.
Б. НЕСТОРОСКА