Четири населени места во Општина Босилово добија забрана за користење на водата за пиење. Како што соопшти јавното комунално претпријатие „Огражден“ од Босилово, поради отстапување од вредностите и стандардите за квалитет на водата во однос на физичко-хемиските параметри забрана се воведува во населените места Босилово, Радово, Секирник и Робово. Причината е лошата вода што доаѓа од браната Иловица и тамошната филтер-станица не може да ја преработи.
„Поради намалување на количините на вода во браната Иловица и промена на квалитетот на сировата вода која е со зголемени количини на суспендирани материи, фабрикaта за вода не е во можност да ги преработи и да ги сведе во границите кои се пропишани согласно правилникот за вода за пиење. Од таа причина, водата од водовните мрежи во овие четрири населени места не треба да се користи како вода за пиење туку исклучиво како техничка“, соопшти „Огражден“.
Таму денеска стасаа цистерни од противпожарната единица во Радовиш за да се обезбедат граѓаните со потребните количини питка вода. Паралелно се полнеа и канистрите поставени во училиштата и градинките. Граѓаните на Босилово и околните села тврдат дека одамна не ја користат за пиење водата од водоводот кој е поврзан со браната Иловица. Се снабдуваат од околните изворски чешми и од маркетите.
Забрана за користење на водата уште има и во Струмица, иако вредностите на манган се во рамки на дозволеното. Таму, последните анализи направени од акредитирана лабораторија кои ги објави „Комуналец“ говорат дека водата го исполнува правилникот за безбедна вода. Се чека уште една анализа од друга акредитирана лабараторија за да Агенцијата за храна и ветеринарство по три недели дозволи водата од струмичкиот водовод се користи за пиење.
В. ТРАЈКОВ