Во Македонија според податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР) во 2023 идентификувани се 7 домашни жртви на трговија со луѓе од кои 4 девојчиња, 2 момчиња и 1 жена жртва, вели Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Вчерашниот ден, 18 октомври се одбележува како Европски ден за борба против трговија со луѓе и е ден посветен на јавно-здравствениот и социјален проблем со големо значење , трговијата со луѓе.
Трговијата со луѓе е профитабилен криминал и кршење на човековите права во кој се експлоатираат деца, жени и мажи. Според извештајот, жртвите на трговија со луѓе од Северна Македонија потекнуваат од земјава и од странство, најчесто од Источна Европа, тоа се најчесто жени и девојчиња кои се експлоатираат за сексуални услуги, работа во барови, ресторани и ноќни клубови.
Трговците на луѓе користат посебни методи за да ги привлечат жртвите во ситуации за да бидат тргувани како: манипулации, насилство, принудно питачење, лажно ветување за добро платено работно место, како и лажни романтични врски. Јазичните бариери, стравот од трговецот или стравот од спроведување на законот често ги спречува жртвите да бараат помош со што трговијата со луѓе е скриен криминал.
Трговците со луѓе ги бираат жртвите кои се лесна мета од различни причини вклучувајќи: психолошка или емоционална ранливост, економска нестабилност, недостаток на мрежа на социјална заштита, политичка нестабилност и природни катастрофи.
Траумата од трговците е толку силна што некогаш жртвите не се доживуваат и не се идентификуваат како такви па дури и во јавност може и да не побараат помош за излез од ланецот на трговија со луѓе.
„Во светски рамки по податоците на Еуростат повеќе од половина од жртвите на трговија со луѓе се сексуално експлоатирани. Сексуалната експлоатација е една од најдоминантните форми на трговија со луѓе, во меѓувреме, експлоатацијата со принудна работа се зголемила на една третина. Мора да се напомене дека не е лесно да се откријат случаите на трговија со луѓе бидејќи многу често се случува трговците да се од најблиското семејство па поради тоа децата жртви ретко имаат можност да пријават или пак не се свесни за ситуацијата во која се наоѓаат“, велат од ИЈЗ.
Б. НЕСТОРОСКА