СТРУЖАНЕЦ ПО 19 ГОДИНИ ОСТАНА БЕЗ РАБОТА ОТИ ДИРЕКТОРОТ НА НЕФРОЛОГИЈА НЕ МУ ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ И ГО ЗАМЕНИ СО ТРОЈЦА ФИЗИОТЕРАПЕВТИ БЕЗ ИСКУСТВО

    СТРУЖАНЕЦ ПО 19 ГОДИНИ ОСТАНА БЕЗ РАБОТА ОТИ ДИРЕКТОРОТ НА НЕФРОЛОГИЈА НЕ МУ ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ И ГО ЗАМЕНИ СО ТРОЈЦА ФИЗИОТЕРАПЕВТИ БЕЗ ИСКУСТВОДимоски, стипендист на државата како дефицитарен кадар, вели дека на неговото работно место се донесени тројца надворешни физиотерапевти кои се без работно искуство за работата што треба да ја извршуваат. (Фото: СДК.МК)

    Стружанецот Димче Димоски, кој 19 години работел како физиотерапевт со договор на дело, остана без работа откако новиот директор на Специјалната болница за нефрологија д-р Јетмир Зиба не му го продолжил договорот. Вели дека на неговото работно место се донесени тројца надворешни физиотерапевти кои се без работно искуство за работата што треба да ја извршуваат.

    „Работните задачи сум ги извршувал професионално, навремено и коректно, без ниту една поплака од пациентите, колегите и претпоставените, а ова можат да го потврдат сите вработени во отсекот за физикална терапија на чело со одговорниот физијатар“, вели Димоски.

    Директорот на Специјалната болница за нефрологија, д-р Јетмир Зиба, не сакаше да коментира зошто не му е продолжен договорот на Димоски. Рече дека следната недела ќе се произнесе за случувањата и за причините поради кои стружанецот, стипендист на државата како дефицитарен кадар, остана без работа.

    Димоски е сопруг и татко на две малолетни деца. Како дипломиран физиотерапевт, од 2005 до 2014 бил ангажиран со договор на дело во болницата „Св. Еразмо“, неколку години потоа работел приватно, а последните две години бил ангажиран во Заводот за нефрологија во Струга.

    „Барам објаснување од министерот за здравство Арбен Таравари зошто ми е прекинат договорот бидејќи од директорот не добив никакво објаснување, ниту писмено, ниту усно, а на мое место се вработуваат тројца нови колеги, исто така со договор на дело“, вели Димоски.

    Колегите од болницата велат дека Димоски е професионалец кој си ја познава работата.

    „Имавме навистина еден квалитетен стручњак, човек кој навистина ја познава својата професија до максимум, човек на кој можеш да се потпреш во секој момент. На негово место донесоа нови три лица кои не се едуцирани и компетентни“, изјави д-р Елизабета Димоска-Чифлигароска од Специјалната болница за нефрологија.

    Според неа, во време кога има недостиг на професионален медицински кадар во државата, недозволиви се вакви постапки со кои наместо да се стимулираат професионалците, тие се бркаат од работа.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира