Молдавските гласачи сепак ја поддржаа промената на уставот, со цел во него да биде вградено дека земјата е посветена на членството во Европска Унија. Разликата на вчерашниот референдум е само неколку илјади гласови во полза на ЕУ, што беше проследено со обвинувања за руско мешање во гласањето.
По нешто повеќе од 99% пребројани гласови, резултатите велат дека 50,3% Молдавци се изјасниле „за“, а 49,7% биле „против“. Молдавските медиуми велат дека се уште има доста неизбројани гласови од дијаспората, која во голема мера го поддржува придружувањето кон ЕУ.
Крајно неизвесниот референфум изненади многумина, имајќи предвид дека неколку претходни анкети покажаа дека тој ќе помине убедливо. Прозападната претседателка Маја Санду обвини дека криминални групи работеле заедно со странски сили за да влијаат врз гласањето со пари, лаги и пропаганда.
„Ова е досега невиден напад врз демократијата. Владата има јасни докази дека 300.000 гласови биле купени, што е измама од невидени размери“, рече Санду.
Таа, пак, не се избори за вториот мандат во првиот круг на паралелните претседателски избори откако освои 41% гласови, па ја чека тешка задача во вториот круг во почетокот на ноември.
Минатиот месец, избеганиот проруски молдавски бизнисмен и политичар Илан Шор изјави дека ќе плати за да убеди што е можно повеќе луѓе да гласаат „против“ или „воздржано“ на референдумот. Кремљ ја повика Санду да покаже докази за наводното странско мешање во гласањето.
Молдавија веќе ги почна пристапните преговори со ЕУ, но референдумот требаше да го направи овој процес неповратен и да го вгради во уставот на земјата.