Агенцијата за ветеринарство и храна изготвила акционен план за заштита од болести, посебно од чумата кај малите преживари, каква што веќе има во Грција и Романија.
Раководителот на Државната инспекција за заштита од болести кај животните, Симо Костов, вели дека во Македонија засега нема такви итни случаи, но демне опасноста што чумата веќе е присутна во Грција и Романија, па затоа се неопходни превентивни мерки. .
„Во рамките на Агенцијата формирани се три локални центри за заштита од болести кај животните, во Штип, Прилеп и Скопје, каде што се наоѓа и главниот, национален центар. Засега најголеми активности има во Локалниот центар во Штип, кој покрива триесетина општини во источниот и југоисточниот дел на Македонија кон Грција, каде што чумата кај малите преживари веќе била присутна. Затоа превентивно ќе бидат спроведени комплетни клинички прегледи на животните во овој регион“, вели Костов.
Според реченото, оваа болест не е пренослива врз луѓето, но е опасна за животните затоа што брзо се шири и има голема смртност. Од тие причини, под итно ќе бидат посетени сточарите од регионот кој гравитира кон Грција, па со едукативни мерки да се делува болестите да не навлезат на територијата на Македонија.
Како што најавува Костов, вакви едукативни средби со сите чинители во државата во врска со заштитата на животните од болести ќе има и во останатите региони.
Т. ЈОВАНОВСКИ